Настан со двочасовна програма исполнета со „стенд-ап“ комедија, караоке и мјузикл ќе се одржи утре, на 13 април во локалот „Јавна соба“.
Со почеток во 21 часот, актерките Нина Елсезер, Ангела Стојановска, Надица Петрова и Бонита Стеви ќе изведат диско перформанс за кој велат дека е одговор на прашањето „Како девојки родени во 90-те би ја внеле скопската публика во Диско ерата на 70-те и 80-те?
„Со овој пионерски проект независните актерки истапуваат на слободниот пазар- јавноста, по моделот на ‘Broadway Theater’, каде успехот е гарантиран исклучиво доколку перформансот е прифатен од публиката и се бараат повеќе настапи. Ова е вистинската рецепта за окрупнување на независната културна сцена, за кое многу институции говорат а малку реализираат“, објаснуваат организаторите.
Тие додаваат дека младите независни актерки направиле спој на театарска глума и музичко сценски настап, преку кој вешто го преместиле тежиштето на забавата од театарски перформанс кон музичко забавен.
Билетите за настанот се купуваат во локалот, непосредно пред почетокот на настанот.