Ѓорѓи Маџаров: Вештачката интелигенција има огромен потенцијал, но ќе замени работни позиции што ќе бидат автоматизирани

Професорот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Ѓорѓи Маџаров, посочува дека вештачката интелигенција (ВИ) не е ништо ново, веќе 40-50 години се користи, ама главно од информатичко-технолошкиот сектор. Огромната промена, односно разликата е што сега обичниот човек добива алатка која се базира на ВИ и ќе треба самиот да ја користи таквата технологија, со цел рационално да креира нови производи и вредности. Истовремено, ваквата автоматизација во иднина би заменувала и работни позиции на луѓето базирани на интелектуална способност. 

Маџаров минатата недела учествуваше на настанот „Станица: Студентска 8“, организиран од Младинскиот образовен форум. Пред младите и студентите зборуваше за потенцијалите и ризиците на вештачката интелигенција и Chat GPT, посочувајќи дека „и досега сите веќе сме консументи на ВИ“.

„Филмовите и серии што ги гледате се базирани на некаква ВИ. Сите тие параметри, тоа ‘филтрирање’ за жанрот, пократки или подолги, историјатот, локацијата каде ги стримате, системот за синхронизација и сл. Во позадина не седи човек и следи што гледате, па за да ви ги пушта омилените филмови на ‘Нетфликс“, туку вештачка интелигенција. Можеби ВИ не секогаш е прецизна за вашиот идеален избор, но барем се обидува“, вели Маџаров.

Понатаму, посочува тој, веќе постојат и електронски системи што таргетираат модели на купувачи. Односно, според вашите преференци и желби се препорачуваат листа на производи.

„Пример, кога имате бебе, системот знае дека ви треба млеко, транспортер, количка, или седиште за во автомобил“, нагласува Маџаров.

За професорот е несомнено дека ВИ има огромен потенцијал, особено со новите широко достапни модели како Chat GPT, па креативноста е на самиот човек каде ќе најде нејзина употреба.

„Пример во образованието може да вршите евалуација. До одредено ниво автоматски да прилагодувате соодветни тестови, кои ќе бидат аплицирани на определени студенти, или ученици. Да евалуирате во која наука младите може да бидат најперспективни, врз основа на записи од самите млади. Во правото, може да се користи за договори, за пребарување правни документи, промена на постоечки регулативи, појава на девијација на цени, неконзинстетност на нешто што е напишано… Значи, работи што човекот троши време да ги провери“, вели Маџаров.

Фото: Радио МОФ

Според професорот, луѓето цело време се обидуваме нешто да оптимизираме, да си ја „олесниме“ работата. Исто како што пред стотици години се случило олеснување во земјоделието или сточарството, т.е. автоматизација на тој процес.

„Сега со ВИ повторно обезбедуваме оптимизација во рамките на определени сектори. Постојат јазични модели кои се многу моќни, кои можат многу брзо, за краток временски период, да заменат одредени работни позиции и комплетно да ги автоматизираат. Оние што ќе ги креираат тие алатки да имаат голем бенефит, меѓутоа може да биде проблематично тоа што ќе бидат заменети луѓе и нивниот реален ангажман, бидејќи ќе треба да се трансформираат и работат нешто друго“, забележа Маџаров.

Ако се намали времето на работната задача за 10-20-50%, вели тој, тогаш веќе зборуваме за одредена автоматизација.

„Затоа оваа промена е толку голема! Затоа што мануелната работа, каде има физичка сила, таму сме навикнати да видиме замена на човечка експлоатација. Меѓутоа, во рамките на мисловните можности кои луѓето досега ги правеа – не сме виделе модели да бидат толку добри. Да бидат широко достапни“, нагласува професорот.

Во однос на прашањето „дали работите можат да излезат од контрола“, според Маџаров се’ уште нема општоприфатен одговор како и колку може да се стави „рамка“. Но затоа, вели тој, веќе има покренато иницијативи да се „заузда“ развојот на ВИ, за да размислуваме на идните чекори.

„Тоа го гледам како нормален процес, бидејќи, нели, кога правите закон за некаква дејност, започнувате од примарна точка, па дополнувате врз основа на девијациите, за да може да се стави ‘под контрола’. Тоа е процесот и за ВИ. За почеток, најважно е моделите да бидат јавно достапни, транспарентни, секој да види што се случува, кои податоците се земаат предвид. Да можат да се дискутираат, критикуваат, анализираат. Сега имаме затворен модел во рамки на една компанија, која укажува колкава е безбедноста. Меѓутоа, ние навистина не можеме да знаеме колкава е безбедноста на тој систем“, нагласува Маџаров.

Професорот е со став дека дефинитивно одиме кон монопол на поголемите компании, кои веќе ја губат трката. Тие и самите се уплашени за монополот на овој пазар. Бидејќи, пред се’, се работи за скапа алатка. Тренирањето на ваков модел со стотици милиони параметри, покрај тоа што бара огромна серверска инфраструктура, бара и од 40 до 100 милиони долари.

„Дури се појавуваат одредени трудови кои укажуваат и на научната фела, како треба да ги адресира овие проблеми. Затоа што ресурсите потребни за нова иновација се огромни, тоа се милионски суми. Не може да си ги дозволат ниту најдобрите, а не пак просечни или мали универзитети, како кај нас. Трката ќе стане тешка, со тоа што оној кој ќе биде прв, ќе биде најдобар“, посочува професорот, дополнувајќи дека кога се зборува за етичката димензија на ВИ, тогаш треба да се знае која компанија стои зад неа, како истата е тренирана и врз основа на какви податоци.

Бојан Шашевски