На денешната конференција „Родова еднаквост на работното место“ која се одржа по повод Меѓународниот ден на еднакви плати се разговараше за преземање мерки за напредок во ова прашање и беа споделени примери за постигнување еднаквост меѓу мажите и жените на работното место.
Сопругата на претседателот, г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска во своето поздравно обраќање истакна дека ефектите од нееднаквоста во платите ги чувствува целата македонска економија.
„Фактите зборуваат дека и 75 години по усвојувањето на Декларацијата за човекови права, родовиот јаз во платите сè уште постои, вклучително и кај нас исто така. И покрај тоа што жените стекнуваат квалитетно образование, сè уште жените се соочуваат со родово базирана дискриминација не само при вработувањето, туку и при кариерното унапредување и уште повеќе кон праведното вреднување на нивниот труд“, нагласи Ѓорѓиевска.
Се обрати и Нина Ангеловска, претседателка на Алијансата за родова еднаквост што е организатор на настанот. Ангеловска рече дека родовиот јаз постои на многу основи и е неопходно да се адресира за да има посилна економија.
Во рамки на конференцијата беа организирани три панел дискусии со претставници од бизнис секторот,
засегнатите институции, како и претставници од домашни и меѓународни организации. Се дискутираше за најдобрите практики кои овозможуваат еднакви услови за професионален развој на жените и мажите во работната средина а беа дадени и препораки за економското јакнење на жените.