Под мотото #ГладенНеСеУчи, „Eквалис“ и група на младински активисти преку програмата за онлајн активизам лансираа петиција со која бараат Министерството за образование и наука (МОН) да обезбеди бесплатен оброк за секој ученик во сите основни и средни училишта на територијата на целата држава.
Активистите барањето за бесплатен оброк го аргументираат со тоа што се’ уште има ученици што се срамат да излезат на голем одмор бидејќи немаат доволно пари да си купат достоен оброк.
„На гладен стомак не можеме да постигнеме доволно добри резултати на училиште. Кога сме гладни мислиме само на гладот, а тоа е една од најисцрпувачките сензации којашто ги надминува сите други поинтелектуални потреби. Понатаму, затоа што сме приморани да јадеме неквалитетна храна или пак да прескокнуваме оброци што долгорочно влијае на нашето здравје. Затоа што некои од нас поминуваат и по 10 часа надвор од својот дом, имајќи 8 часа на училиште и поминувајќи уште по 1 час во пат. Затоа што нашите семејства и заедници се финансиски исцрпени со сите други енормни зголемувања на трошоците и оброкот на училиште веќе стана луксуз што не може да си го дозволиме секој ден“, стои во петицијата.
Активистите се осврнуваат и на истражувања, кои покажуваат дека во 2022 година секое трето дете не добива ниту еден здрав и квалитетен оброк во текот на еден ден. Во семејства со 3 или повеќе деца, речиси половина од децата немаат ниту еден здрав оброк во текот на еден ден.
„Ова значи дека речиси половина од децата во нашата држава постојано гладуваат или се хранат нездраво и недоволно, како резултат на сиромаштијата и економската криза“, посочуваат активистите.
Според истражувањата, велат тие, придобивките од воведување бесплатен оброк кај учениците е веќе неопходност. Новата анализа која ја презентираа УНИЦЕФ и Аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата поради кризата со храна и енергија.
„УНИЦЕФ препорачува воведувањето на програма за бесплатен оброк за учениците, со цел да се подобри пристапот до здрав и хранлив оброк за учениците и да се влијае врз намалување на сиромаштијата. Воведувањето бесплатен оброк за секој ученик ќе влијае врз подобрување на академскиот успех на учениците, врз намалување на сиромаштијата во државата и врз мотивација на младите да останат да живеат и работат во државата“, се вели во петицијата.
Оттука, од МОН бараат да обезбеди дневен оброк за секој ученик од 1-во до 9-то одделение во основните, но и од 1-ва до 4-та година во средните училишта на територијата на цела држата.
„Да обезбеди бесплатен оброк за секој ученик според стандардите за правилна исхрана во училиштата Да обезбеди договор со Министерството за финансии и Министерството за локална самоуправа, во однос на резервирање финансиски средства за бесплатен оброк за сите ученици Во соработка со погоре споментатите Министерства, да ги задолжи локалните самоуправи на секоја општина да го организираат и спроведат обезбедувањето бесплатен оброк за секој ученик“, бараат активистите.