За прв пат во историјата, гладот во Мадагаскар е предизвикан од климатски промени. Над 1.14 милиони лица немаат доволно храна бидејќи тешки суши ги тераат заедниците на изгладнување, пренесува „Индипендент“.
Агенцијата за храна при Обединетите Нации предупредува дека илјадници фамилии од јужен Мадагаскар се наоѓаат на граница на изгладнување бидејќи државата се соочува со една од најлошите суши во четири децении.
Веќе неколку месеци, фамилиите се одржуваат со исхрана која се состои од овошја од кактус, диви листови и скакулци.
Извршниот директор на Светската програма за храна, Дејвид Бисли, објаснува дека сретнал жена со деца кои пешачеле со часови за да стигнат до точките за дистрибуција на храна.
„Тоа се оние кои се доволно здрави за да пешачат. Недостатокот на храна не се случува поради војна, овојпат се случува исклучиво поради климатските промени“, додал тој.
Светската програма за храна предупредува дека околу 14.000 луѓе се во катастрофална ситуација, бројка која се очекува да се дуплира до октомври.
„Додека овој дел од светот никако не допринесол кон климатската криза, тој ја плаќа најголемата цена“, изјавил Бисли.
Минатиот месец, аналитичари од женевската агенција за хуманитарност „Care International“ посочиле дека богатите држави финансиски не ги исполнуваат целите за да ја ублажат климатската криза во земјите во развој.
Анализите покажуваат дека најновите финансиски планови најбогатите земји немале детали и не ја исполниле целта од 100 милијарди американски долари за 2020 година.
Во 2009 година, богатите земји се согласија да издвојат јавни и приватни средства за да им помогнат на земјите во развој да ги зголемат опциите за чиста енергија и да се адаптираат на промените од зголемените температури – нешто што на Мадагаскар му е повеќе од потребно.
Во меѓувреме, од Светската програма за храна изјавиле дека се потребни 78.6 милиони американски долари за да обезбедат храна за наредната сезона. На подолготраен план, на Мадагаскар потребни се и системи за наводнување, патишта и храна за да се избегне криза.
Бидејќи државата нема инфраструктура, голем број заедници не можат да стигнат до потребната храна, а хуманитарните работници не можат да стигнат до локалците.
Од Светската програма за храна велат дека изгладнувањето кај деца под пет години во Мадагаскар се дуплирало во последните четири месеци, па сега достигнува и до 16.5 отсто.
Реонот Амбовомбе е еден од најпогодените подрачја каде 27 отсто од населението се наоѓа во животно загрозувачка ситуација.