Денес започна да се спроведува вториот круг на локалните избори, со гласање на болните и изнемоштените, граѓаните кои се во изолација поради Ковид-19, како и затворениците и притворениците.
Утре вториот изборен круг ќе се спроведува во 44 општини, а право на глас имаат 1 353 990 граѓани на 2481 избирачки места.
Во меѓувреме, Хелсиншкиот комитет за човекови права соопшти дека утре нивната канцеларија ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на вториот круг од локалните избори.
„Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, која се наоѓа на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје и преку телефонските броеви 02 3119 073 и 072 278 436. Покрај личното и телефонското пријавување, овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право“, стои во нивното соопштение.
Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно.
„Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Хелсиншкиот комитет и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните што ја пријавиле повредата“, посочуваат од Комитето.
Дополнително, и од канцеларијата на Народниoт правобранител информираат дека утре во периодот од 7:00 до 19:00 часот ќе функционира нивната бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Оттаму истакнуваат дека отворени за граѓаните покрај главната канцеларија во Скопје, ќе бидат и подрачните канцелари на народниот правобранител во: Битола, Кичево, Куманово, Штип, Струмица, Тетово за да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.