Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за Си-Ен-Ен изјави дека бара налози за апсење на водачот на Хамас Јахја Синвар и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото за нападот на Израел на 7 октомври и последователната војна во Газа, пренесува Ал Џазира Балканс.
Во интервјуто, главниот обвинител на судот, Карим Кан, рече дека судот бара и налози за апсење за израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, како и за двајца други врвни лидери на Хамас – Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри, водачот на бригадите Ал-Касем, попознат како Мохамед Деиф и Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас.
Потерниците против израелските политичари означуваат дека за првпат судот таргетира лидери на близок сојузник на САД, додаде Си-Ен-Ен. Оваа одлука го става Нетанјаху во друштво на рускиот претседател Владимир Путин, по кого судот издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина.
Сега, барањето треба да го разгледа комитетот на судии на Меѓународниот кривичен суд.
Кан рече дека обвиненијата против Синвар, Ханије и Ал-Масри вклучуваат „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад во притвор“.
„Светот беше шокиран на 7 октомври кога луѓето беа извлечени од нивните спални соби, од нивните домови, од различни кибуци во Израел“, рече Кан, додавајќи дека „луѓето енормно пателе“.
Обвиненијата против Нетанјаху и Галант вклучуваат „предизвикување истребување, поттикнување гладување како метод на војување, вклучително и задржување на хуманитарна помош, намерно таргетирање цивили во конфликтот“, рече Кан.
Израел и Соединетите Американски Држави не се членки на МКС. Сепак, судот тврди дека има јурисдикција над Газа, Источен Ерусалим и Западниот Брег, откако палестинските лидери формално се согласија да бидат обврзани со основачките принципи на судот во 2015 година.