Главниот и одговорен уредник на „Новине Врањске“, Вукашин Обрадовиќ пред два дена започна штрајк со глад, поради прогласувањето на банкрот и затворањето на овој локален неделен весник.
Пред да се затвори во просториите на медиумот, тој ги замолил колегите да излезат, нагласувајќи дека ова е „негова борба“ и негов личен чин.
„Не сакам да бидам патетичен, но ова навистина е потег на очајник кој не гледа друг начин да ја заврши својата новинарска кариера, а во исто време да задржи барем минимум од своето лично почитување и достоинство, неопходно за да се чувствувам како човек, како човечко суштество“, изјави тој.
Обрадовиќ додаде дека новинарството и „Врањске“ не може да ги одвои од својот живот и дека не сака да се сврти на другата страна и така да згази врз она за коешто цело време се борел, обидувајќи се да ја помести границата на слободата и демократијата во Врање и Србија.
Во писмо упатено до лидерот на опозициската Демократска партија (ДС), Драган Шутановац, до Партијата на европските социјалисти, до Европскиот парламент, известувачот на ЕП за Србија, Дејвид Мекалистер и до Еврокомисијата, Обрадовиќ вели дека „Врањске новине“ се затворени „под силен притисок, постојано следење, рекет и организирана кампања од страна на централната и локаланта власт“.
Се одржа и протест пред Владата на Србија во организиација на Фондацијата „Славко Чурувија“.
„Овој весник со години ги истражуваше врските помеѓу политичарите, тајкуните и криминалците во Врање и околината. На новинарите безброј пати им се упатувани смртни закани. Причина за затворањето на весникот се постојаните финансиски и политички притисоци со кои тој повеќе не можеше да се справи“, беше наведено во повикот за протестниот собир.
Случајот со „ Новине Врањске “ го прокоментира и српската премиерка Ана Брнабиќ наведувајќи дека државата не може да субвенционира локални медиуми, како и дека повеќе нема сопственички удел во медиумите.
„Имаше голем отпор од локалните самоуправи за приватизација на локалните медиуми, пред се поради финансирањето. Финансирањето на медиумите и одржливото финансирање на медиумите насекаде е проблем, во целиот свет, како и во Европа“, изјави Брнабиќ.
Со гаснење на медиумите, се гасат светлата во Србија
Преку 160 новинари и медиумски работници од регионот, меѓу кои и пет претседатели на новинарски здруженија, потпишаа солидарно писмо за колегата.
Новинарската мрежа истакнува дека досега реагирале на поединечни физички напади и закани кон нивните колеги во регионот.
„Овој пат бараме од сите меѓународни организации конечно да почнат да работат во интерес на нашата професија и интерес на самата држава за чија демократизација имаат мандат, особено откако Србија стана кандидат за прием во ЕУ“, велат од новинарската мрежа.
Мрежата процени дека нема поалармантни повици за помош од потегот на Вукашин Обрадовиќ, кој го стави својот живот на коцка поради ситуацијата во професијата и земјата.
„Ние треба да разбереме дека загрозувањето на работното место и на професијата, понижувањата, и човечки и професионални, на кои се изложени многу медиумски и други работници во оваа земја, е загрозување на животот на човекот“, предупредија новинарите од регионот.
Тие бараат од Владата и меѓународните институции и организации да обезбедат минимум услови за професионално да си ја врштат работата.
„Притисоците врз професионалните медиуми и прогонот на новинарите претставуваат значителна закана за нашето општество“, оцени Управниот одбор на Српскиот ПЕН Центар истакнувајќи дека во едно демократско општество, нема вредност поради кои може да се негираат овие права.
ПЕН центар во соопштението укажува дека „драматичното гаснење на „Врањске“ и штрајкот со глад на неговиот уредник и основач Вукашин Обрадовиќ направиле да биде очигледно за некој кој сака да ја види тешката состојба во која денес се медиумите во Србија, но и на нивните читатели, гледачи и слушатели“, се вели во соопштението.
Српскиот ПЕН центар со загриженост ја повикува српската јавност да сочувствува со професионалните медиуми, новинарите и уредниците, вработените и издавачите.
Во соопштението се истакнува дека едно слободно општество и критички и информирана јавност не може да биде без слободни и професионални медиуми.
„Со секој изгаснат медиум, се гасне по едно светло во Србија“.