Безмалку сите светски глечери ја губат масата и тоа со забрзано темпо, тврди нова научна студија која според експертите прикажува една „алармантна слика“.
Истражувањето објавено вчера во научното списание „Нејчр“ (Nature) нуди една од најсеопфатните прикази на загубата на масата на мразот од околу 220.000 глечери и глацијални подрачја низ целиот свет, што е најголема причина за растот на светските мориња и океани.
Преку користење на сликите во висока резолуција од сателитот „Тера“ на НАСА во периодот од 2000 до 2019 година, група на меѓународни научници открива дека глечерите, со исклучок на Гренланд и Антарктикот кои не беа вклучени во студијата, губат просечно по 267 гигатони мраз секоја година.
За споредба, еден гигатон мраз може да го покрие целиот „Централ Парк“ во Њујорк и да биде 341 метри во височина.
Истражувањето покажало и дека топењето на глечерите се забрзува. Од 2000 до 2004 тие губеле по 227 гигатони мраз секоја година, а по 2015 година оваа бројка се зголемила на 298 гигатони мраз кој се губи секоја следна година.
Топењето на мразот значително влијае на подигање на светските мориња, кои растат за околу 0,74 милиметри секоја година.
Топењето на глечерите се директен проблем за милиони луѓе кои од сезонското топење на мразот зависи нивниот пристап до вода за пиење. Истражувањето истовремено покажало дека најзагрозените глацијални подрачја во светот се дел од глечерите на Алјаска, Исланд, Алпите, планинскиот појас Памир и Хималаите.
„Ова зголемено топење всушност ја зголемува количината на вода во реките… но проблемот е дека по некое време, нивното ниво ќе престане да расте и ќе опадне многу нагло“, објаснува Роберт Мек Наб од Универзитетот Улстер во Велика Британија, кој е еден од авторите на истражувањето.
Иако истражувањето не навлегува во причините зошто се случува повлекувањето на глацијалните површини, според Мек Наб неизбежно е дека тоа е резултат на растот на температурите од емисиите кои се испуштаат поради човечки активности.
„Тешко е да се одвојат фактите дека температурата го предизвикува топењето и дека луѓето, во најголем дел, го предизвикуваат растот на температурата“, објаснува тој.
Експертите во студијата предупредуваат дека кога мразот од глацијалните површини ќе се стопи ќе бидат потребни децении или векови за тој повторно да се обнови бидејќи мора да се таложи повеќе години.