Gley.mk – лансирана првата македонска стриминг платформа

Gley.mk, првата македонска национална стримиг платформа беше лансирана денес, а преку неа ќе бидат достапни македонски филмови и серии, но и продукти од балканската кинематографија.

Платформата нуди домашна и регионална продукција, детска програма, европски и холивудски филмови и серии, кои ќе бидат достапни со македонски и албански превод.

„GLEY ги обединува македонските продукциски капацитети и им дава можности за забрзан развој на нови и постоечки проекти“, изјави извршниот менаџер на СВОД Мастер, Дарко Перушески на промоцијата.

Поголемиот дел од македонските филмови се дигитално достапни само на платформата, а детската програма е синхронизирана на македонски и албански јазик.

„Содржините се достапни во ХД резолуција со квалитетен звук на LG, Samsung и Android TV СМАРТ телевизорите, персонални компјутери, таблети или мобилни телефони. За таа намена се изработени апликации кои корисниците можат лесно да ги инсталираат на оперативните системи на телевизорите во Apple App Store и Google Play Store“, истакнуваат од „Gley.mk“.

Пристапот до програмите на платформата ќе биде со месечна претплата која е необврзувачка и корисникот ќе може да ја откаже кога сака.

Понудени се три нивоа на месечна претплата од 299, 399 или 499 денари во зависност од бројот на уреди на кои истовремено ќе може да се има пристап кон платформата.

Сите корисници кои ќе се регистрираат до 30 ноември, ќе добијат 30 дена промотивен пробен бесплатен период.