Македонскиот издавач „Аксиома“ го објави албумот „Floating Steps“ на нашиот експериментален виолинист-музичар Глигор Кондовски.
Ова ќе биде веќе четврти албум на „Аксиома“, која е асоцијација за културна соработка и истражување, а од неодамна влезе во издавачки води и потајно навива македонската авангардна или „терсене“ музика да стане идеја-водилка на сите уметности.
Овој електроакустичен албум, достапен на Бендкемп, има осум теми кои Глигор Кондовски ги изведува преку волина, нотатон (ксилофон) и електроника.
Дизајнот на корицата на изданието е на Ѓорче Ставрески, додека извршен продуцент е Вангел Ноневски. Тој го пишуваше и критичкиот текст пропратен со албумот, кој го објавуваме во целост:
„За овој албум Глигор Кондовски – македонскиот експериментален виолинист, композитор и мултимедијален уметник – вели дека е посветен на мигрантите. Се работи за композиции кои претставуваат мали приказни (вињети) за луѓето кои се присилени да ги напуштат своите домови, во потрага по подобар живот. Бидејќи воедно се работи за замислена театарска музика, секоја композиција има своја микроприказна, во обид на соединување на композициите со одреден наратив кој би произлегол од нивната поврзаност со слики, кадри, кратки филмови. Имајќи го тоа предвид, тешко може да се оттргнеме од иницијалниот впечаток дека оваа музика треба да ја слушаме надвор од нејзината замислена/претпоставена намена. Можеби така е подобро. Можеби благото насочување на вниманието на слушателот во конкретна насока ќе го натера креативниот ангажман на слушањето да прифати едно ограничување на интерпретацијата, која, пак, на тој начин ќе може слободно да маневрира во зададените рамки и да го наградува слушателот со сцени иницирани од музика.
Современата импровизирана музика (за оние кои сакаат да ги избегнат неретко помпезните и претенциозни конотации на зборот „џез“) секогаш сака да си поигрува со ортодоксната намена на музичките инструменти; со нивната удобна вкотвеност во рамки на еден однапред зададен терк, жанр, стил, форма, намена… Првото име кое најчесто паѓа на памет во контекст на виолината и нејзината „отуѓена“ намена е Лирој Џенкинс од неконвенционалното фри џез трио Revolutionary Ensemble, најпрочуено во периодот на 1970-тите години. А Мет Манери, Фред Лонберг-Холм и Ерик Фридлендер се некои од имињата на современата сцена кои најчесто се поврзуваат со експерименталната употреба на гудачките инструменти. Убавината на слободниот музички израз е препознавањето на празнината во инструментот која во него отсекогаш постоела и која секогаш ќе продолжи да постои. Ниту еден инструмент не е имун на негово пренаменување за аудитивни екскурзии кои биле непоимливи во периодот кога тој првично бил конструиран и навикнат да се користи во рамки на една музичка традиција. Можете да ги искинете жиците свирејќи Европска класична музика, но потенцијата во виолината (или во кој било друг инструмент) да се пронајдат можности за трансцеденција на нејзината „предодредена“ намена секогаш се промолкнува. Тоа е она што Виктор Шкловски го нарекува застранување или одвикнување од вообичаеноста. Во овој контекст, да се застрани или да се покори задушеноста од навиката во доменот на виолината подразбира да се отвори креативноста во еден нов дијапазон на можности кои дотогаш биле непрепознатливи заради нејзината удобна вдоменост во обичајноста. Да се пронајде нова намена, нов модалитет на креативноста додека се свири „терсене“ – ова, според Шкловски, е само една од убавините на застранувањето.
Иако Кондовски несомнено може да се споредува со Џенкинс, Манери и останатите експериментални џез гудачи, бидејќи досега има издавано албуми кои глатко се вклопуваат во фри импров идиомот (на пример, неговите три трио албуми со Дробицки и Омерагиќ и особено неодамна издадениот албум на македонската фри џез супергрупа – Macedonian Free Society), сепак, на овој албум Кондовски тргнува во една чудна, „Шкловсковска“ електроакустична џез авантура. Ова е албум кој го наметнува впечатокот дека музичарот почувствувал потреба да ја пополни ограниченоста на својот инструмент со електронски звуци кои се така конструирани (soundscapes, found sound), што помислувате дека отсекогаш требало да бидат споени како меѓусебно надополнувачки.
На овој албум честопати ќе чуете амбиентални заднини во темите, семплувани или синтетизирани звуци кои потсетуваат на игли и шајки кои паѓаат врз некаква груба метална површина. Таков е случајот во „Криви бранови“, каде, по извесно време, гудалото неконтролирано се препушта на гравитацијата и паѓа врз жиците на виолината, гребејќи ги и обидувајќи се да воспостави некаков слободен дијалог со електронската заднина. „Мелодија на толпата“ започнува со тажна мелодија која постапно преоѓа во репетитивен дрон. Во заднина се слуша некаква врева, гужва, туркање… веројатно мигранти на граница. Потоа повторно се враќа главниот мотив. Тоа е воведната композиција-скеч која треба да го навести она што претстои. „Таа ноќ“ е „најфилмското“ парче музика на овој албум. Слушајќи ја композицијата се добива впечаток дека зад затворени врати „се крчка“ некоја интрига. Филмската приказна е препознатлива и во темата „Патека низ шумата“ која има најоптимистичен звук и чувство. Ретки се музичарите кои можат со звук/музика/интегрирани семплови да доловат впечаток на активност. Насловната „Пловечки чекори“ започнува со семплувани звуци на чекори кои ниту пловат, ниту лебдат, како што сугерира насловот. Тензичните звуци (бодежи на тонови) на виолината го доловуваат впечатокот на пловечки чекори отпосле. „Самозадоволност“ е неокласична композиција со крцкаво поставена електронска заднина, која на крајот се преобразува во звучен ѕид со продорен длабок тон. „Остатоци“, како што сугерира наслов, е фрагментирано парче музика; фри импров превод на некоја авангардна електронска музика од преминот на XX во XXI век. Она што останува од тој замислен превод е остаток, без можност за негова интеграција. Конечно, во последната композиција „Сите си заминаа“ повторно слушаме игли и шајки кои како лајтмотив се враќаат да го озвучат тажното финале на патот на мигрантите.
Ова е албум за љубители на слободна, експериментална, авангардна и, што е најбитно, импровизирана музика, отсвирена во една виртуелна инструментариумска лабораторија која прилега на времето во која е создадена, но и на времето-просторот кој допрва би можеле да го посведочиме. Синтагмата „би можеле“ веројатно најсоодветно ја погаѓа суштината на албумот Пловечки чекори: сѐ е на дофат на можното кога оставаме аудитивната фантазија да биде главната водилка во креативниот процес. Уживајте во звукот!“, стои во текстот придружен со албумот.