На покана на Global Game Jam, Inc. и International Game Developers Association, Македонската асоцијација за развивање игри “МАГДА” од 25 до 27 јануари го организира Global Game Jam Македонија, на универзитетот ФОН.
Со цел да се оствари 48-часовен континуиран престој, за секој учесник освен простор за работа и интернет пристап, ќе бидат обезбедени храна, пијалоци, простор за рекреација и простор за одмор. За публиката и учесниците ќе бидат организирани предавања и работилници. Најдобрите игри ќе бидат наградени. Регистрирајте се за настанот тука.
За сите учесници на настанот Global Game Jam ќе им овозможи и други промоции и активности организирани од глобалните спонзори: http://globalgamejam.org/
Со организирање на Global Game Jam Македонија, МАГДА сака да започне серијана настани и активности кои ќе овозможат Република Македонија да прерасне во регионален центар за развивање на игри.
Што е Global Game Jam?
Тоа е најголемиот глобален настан за развивање на игри. Се одржува еднаш годишно, истовремено на голем број локации, во вид на 48-часовен маратон. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Global Game Jam за првпат е одржан во 2009 година, инспириран од Nordic Game Jam, со желба да се создаде светски настан. Во 2012 година настанот се одржа на 242 локации во 47 земји, 10684 учесници и беа создадени 2209 игри. Со тоа се постави нов Гинисов рекорд за најголем Game Jam во светот.
Global Game Jam 2013 ќе се одржи од 25 до 27 јануари 2013 со локации во 56 земји.
За повеќе информации посетете ја Фејсбук-страницата на настанот.