АИЕСЕК Скопје во среда (30 април) во трговскиот центар Скопје Сити Мол го организира настанот Global Village, кога на едно место ќе се сретнат повеќе култури и претставници од преку 20 држави.
На „глобалното село“ ќе бидат презентирани особеностите на земјите од каде доаѓаат учесниците преку брошури, музика, танц, традиционални јадења, пијалоци и облека. Целта на настанот е да се прослави разновидноста и мултикултурализмот, а младите да се запознаат со поинаквите култури и традиции и да ги почувствуваат животните стилови на другите држави.
„Тоа го оживува основното гледиште за светот како едно големо “глобално село” кое ги инспирира луѓето да ја разберат и ценат различноста која само придонесува за мир и исполнетост на човечкиот потенцијал, што всушност е нашата визија и мисија. Факт е дека одамна во нашиот главен град не сме биле сведоци на случување од ваков тип, па затоа овој хепенинг е добродојден за проширување на видиците на нашето општество, подобро запознавање со странски култури, едукација и пред се, бар на миг, излегување од монотоното секојдневие“, посочуваат од АИЕСЕК.