Зголемувањето на просечните температури на воздухот во земјава ја носи опасноста од долготрајни сушни периоди и екстремни бури со временски непогоди кои можат да предизвикаат штети. Просечните количества на врнежи на годишно ниво во земјава драстично флуктуираат од година во година во изминатиов тридецениски период, иако бројките генерално низ годините покажуваат зголемување на количеството на врнежи, објави Мета.
Податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање и на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) ги споредивме за два града во земјава – Скопје и Битола. Може да се забележи дека во изминатава деценија има сериозни отстапувања кај количествата на врнежите, па така и Скопје и Битола имале месеци во годината во кои немало врнежи, додека најголемата месечна сума на врнежи во годината расте со текот на времетo.
Во Скопје, променливите количества на врнежи на годишно ниво се надополнети во 2015, 2016, 2018 и 2019 година како периоди, во кои постоеле месеци кога немало воопшто врнежи или количеството на врнежи изнесувало околу 0 милиметри. Ова е индикатор дека во овие делови од годината имало подолготрајна суша, која била надополнета и со зголемувањето на просечните температури на воздухот, за кои „Мета.мк“ веќе пишуваше.
Од друга страна, рекордната сума на врнежи на месечно ниво во Скопје е забележана во 2014 година, кога во текот на еден месец паднале 167,5 милиметри воден талог. Ваквите големи количества на врнежи од дожд или снег пак можат да претставуваат индикатор за невреме со поројни врнежи, кои исто така предизвикуваат штети кај населението.
Слично како кај главниот град, и во Битола рекордно количество на врнежи на месечно ниво е забележано во 2014 година, кога за еден месец паднaлe вкупно 213,1 милиметри воден талог. Наспроти ова, во 2010, 2015 и 2018 година имало месеци во кои сумата на врнежи изнесувала околу 0 милиметри или воопшто не заврнало.
Со зголемувањето на просечните температури на воздухот до крајот на веков, земјава ќе се соочи со потопла клима која што се очекува да доведе до сушни состојби, но и до потенцијално зголемување на дневните екстремни врнежи кои доведуваат до поголем ризик од буични поплави, се наведува во минатогодишниот Извештај за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани, изработен со финансиска и техничка поддршка од Глобалниот фонд за животна средина (GEF) и Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP).
Во зависност од тоа дали ќе се реализира ниското, средното или високо сценарио на емисии на стакленички гасови во атмосферата, количеството на врнежи е различно прогнозирано. Па така, доколку се оствари ниското сценарио за испуштање на штетните гасови, не постои јасен сигнал за промена на врнежите во земјава во периодот до 2100 година, со исклучок на зголемувањето на врнежите во периодот септември-ноември од годината.
За другите две сценарија (средно и високо) се очекува намалување на годишните врнежи, главно како резултат на значителното намалување на летните врнежи. Кај средното сценарио, годишното намалување на врнежите е до -20 отсто, со пад на летните врнежи од -30 отсто, а кај високото сценарио намалувањето на годишните врнежи е до -30 отсто, со -40 отсто на летните врнежи, до крајот на векот.
„И пролетната сезона (март-април-мај) има исто така конзистентен шаблон на намалување на врнежите во текот на векот, но со помала амплитуда. За средината на векот, и кај двете сценарија имa намалување на летните врнежи, до -30 отсто кај обете“, се наведува во Извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани.
Сепак, она што што дополнително загрижува се екстремните врнежи во иднината, кои покажуваат позитивна промена за земјава, кај сите анализирани периоди и сценарија.
„Горната граница на промената на бројот врнежливи денови со преку 40 mm на ден е зголемување од 60 отсто, а кај дневна максимална акумулација на врнежи е 20 отсто. Физичка позадина на оваа промена е фактот дека атмосферата е потопла поради што може да задржи повеќе водена пареа (7 отсто повеќе водена пареа во потопол воздух за 1 степен) што укажува на поголеми шанси за поекстремни врнежи од дожд, а со тоа и поголеми шанси за индуцирана бујична поплава“, стои во овој извештај.