Францускиот институт во Скопје и Гете-институт Скопје, во следните два дена, организираат Француско-германски саем на детска литература, со наслов „Го читаме другиот“.
Саемот почнува утре во 13 часот во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје, додека на 26-ти април, во 13 часот, паралелно ќе се одржи и во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола и во Центарот за култура во Гостивар.
Четворица автори на литература за млади: Ан Малер, Јана Хајнике, Марк Бутаван и Патрик Хертвек, ќе бидат дел од саемите кои ќе се одржат во трите града. Писателите и илустраторите имаат богато искуство во работа со деца и низ своите активности пренесуваат важни педагошки содржини. Во рамките на програмата на настаните ќе се одржат работилници, книжевни читања и дебати со гостите.
Преку проектот, поддржан од Француско-германскиот културен фонд, организаторите сакаат да ја промовираат книгата како фактор за културна отвореност и еманципација, додавајќи дека преку читањето на странски јазик младите се воведуваат во светот на туѓата култура, но и во структурата на туѓиот јазик.