Организаторите на граѓанска иницијатива за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар во Скопје (ГТЦ) утре ќе одржат прес-конференција по повод продолжувањето на активностите под мотото „Го сакам ГТЦ“. Настанот ќе се одржи на платформата од ГТЦ кон паркот „Жена – борец“ (до споменикот на Славко Јаневски), со почеток во 12 часот.
Иницијативата планира голем протестен настан на 28 декември, а на новогодишното дружење ќе му претходат средби на волонтери и информативен штанд на плоштадот покрај ГТЦ. Првата поголема средба на волонтери ќе биде на 5 декември (петок) во Мобилната галерија во Паркот на Франкофонијата, од 18 часот.
Серијата настани во склоп на иницијативата „Го сакам ГТЦ“ започна во јуни 2013-та година како реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој според организаторите, целосно би се уништила препознатливата архитектура на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро.
Поттикнати од најавите за започнување на затворањето и преобликувањето на ГТЦ во февруари 2015-та година, иницијативата „Го сакам ГТЦ“ продолжува низ различни форми на креативно изразување, јавно говорење и институционални реакции да го искажува својот став за зачувување на автентичноста на Градскиот трговски центар, соопштуваат од иницијативата.
Извор: nvoinfocentar