ГТЦ ФОРУМ е трет од серијата настани како реакција на проектот за нова фасада и доградба на Градскиот трговски центар со кој целосно би се уништила архитектурата на објектот, како и неговата урбанистичка улога на „улица“ низ централното градско јадро.
„70% од објектот на ГТЦ е јавен простор. Тој, архитектонски, претставува „реплика“ на агора/форум, која ги канализира и физички ги опслужува општествените потреби на граѓаните на Скопје во последните четири децении. Во таа смисла, ГТЦ ФОРУМ претставува надоврзување на основната функција на овој објект како јавен простор“, посочуваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија кои со низа активности трет петок по ред бараат спас на ГТЦ.
ГТЦ ФОРУМ е закажан на 28 јуни во Паркот „Жена-борец“ (кај споменикот на Славко Јаневски), со почеток во 20 часот, а досега своето учество го потврдиле голем број активисти, архитекти, уметници. Идејата е во дискусијата да се вклучат сите присутни на настанот.
Истовремено ќе продолжи собирањето потписи за петицијата за зачувување на ГТЦ во неговата автентична физичка состојба, ќе се пишуваат мислења за самиот ГТЦ и пораки до архитектите на новата фасада и до управата на ГТЦ. Присутните за 250 денари ќе може да си купат маички „Го сакам ГТЦ“.