„Жив ѕид за одбрана на Водно од утре. НЕ низ Водно! Доста е. На терен градат, на терен ќе се брани!“.
Вака иницијативата „Го сакам Водно“ преку социјалните мрежи повикува доброволци да ги контактираат и да им се придружат, па заедно од утре да го бранат Водно кај багерите што „делкаат“ шума за гасоводната делница.
„Во држава каде прекршоци се нормална работа и се спроведуваат вакви проекти полни со нерегуларности, останува на нас да браниме со живи тела. СТОП за непромислени и лоши проекти! Се гледаме пред багери!“, стои во повикот на активистите од „Го сакам Водно“.
Инаку, од пред неколку денови багерите повторно се активираа на сртот на планината, откако Владата, МЕР и Градот заеднички дадоа зелено светло за изградба на гасоводот во заштитеното подрачје, со аргументи дека ќе се гради на Водно по стеснета траса, па ќе се пошумува. Поместување на трасата рекоа дека е неизводливо од еколошки и економски аспект, и ќе значи пролонгирање на работите за пет години.
Еко-активистите, пак, на неколку пати потенцираа дека се „за гасовод, но не низ Водно“. Не отстапуваат од барањето за алтернативна траса, а на прес-конференција потенцираа дека оваа траса не е скратена за 4 километри, измената е во потег од 4.3 км, што според нив ќе се исече шума колку цела „Партизанска“. Исто така, соопштија тие, гасовод низ Водно нема да го намали загадувањето во Скопје.