„Владата на прес вчера најави започнување на изградбата на магистралниот гасовод, делница 5, што не е вистина. Делницата се гради од минатата година! Трасата не е скратена за 4 километри, измената е во потег од 4.3 км, што значи, ќе се исече шума со површина колку цел булевар ‘Паризански одреди“, рекоа денеска на прес-конференција од иницијативата „Го сакам Водно“, потенцирајќи дека загадувањето нема да се намали во Скопје со изградба на гасоводот низ Водно.
Еко-активистите потенцираа дека ни ПМ честици, ни азот диоксид, ни сулфур диоксид, ништо нема да се намали со градење на гасоводов низ Водно.
„Ширење на невистина, крајна и безобѕирна манипулација со јавноста е оваквото тврдење. Овој гасовод не е наменет за Скопје, всушност Скопје има гасовод веќе 20 години – но нема развиена дистрибутивна мрежа! Доведување на јавноста во заблуда е да се каже дека уште во оваа есен граѓаните на Скопје или било кој во РМ – ќе ги почувствува придобивките на гасификацијата од изградбата на овој проект“, рекоа од иницијативата, како реакција на вчерашните заеднички изјави на Владата, МЕР и Град Скопје.
Според активистите, доведување на гас до секое семејство ќе почека долги години, сигурно повеќе од пет. Дотогаш, велати тие, дрва ќе се горат и во Скопје и во Тетово и во Гостивар и во Кичево.
„Дистрибутивна мрежа нема во ниту еден од градовите долж трасава. Срамно е да се каже дека Скопје стои на патот на гасификација на другите градови на Македонија – Тетово, Гостивар, Кичево. Владата упорно ги дава истите изјави со месеци наназад, а на барањата тие да ги поддржат со студии и проекти остануваат глуви. Слушаме само ветувања!Нека кажат со податоци до каде се проектите, тендерите за изградба на овие мрежи, финансиите одвоени за гасификација во секој град? Додека се изградат, алтернативната траса надвор од Водно ќе се изгради сигурно“, потенцираа од иницијативата.
Го споменаа градоначалникот Петре Шилегов, за кој рекоа дека осум месеци по неговите зборови и документацијата со која бара преиспитување на трасата на гасоводот, сега, велат, си гази по сопствените зборови.
„700.000 евра за пошумување на Водно, инаку законска обврска, е приближно еднакво на парите што Владата ги дава за хортикултурно одржување и уредување. А се работи за двојно помоголема површина 130.000 м2 хортикултурно уредување наспорти 250.000м2 работен појас низ Водно. Немојте да кажете дека грмушки, ружи и темјаншки чинат повеќе од 40-65 години стари дрвја. Дрвајта не се само дрвна маса, особено не низ заштитено подрачје“, рекоа
Според активистите, упорно се става еколошки предзнак на овој проект, а за тој да биде таков треба да исполни оделени критериуми и процедури кои не биле запазени уште од почетната фаза на планирање.
Меѓу другото, реагираа и дека проектите и законите за заштита кои ги споменаа од Владата треба да следуваат по автоматизам, а не да бидат условувани со нив.
На крајот, констатираа дека изградбата на добро концепирана алтернативна траса надвор од Водно ќе биде ЗА сите граѓани,.
„Им благодариме на сите присутни. Ако семејното насилство е форма на љубов, тогаш, претставниците на Владата, МЕР, Град Скопје, навистина го сакаат Водно“, рекоа од Го сакам Водно.