Еколошките активисти од организациите „Го сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“ побaраа итна средба со премиерот Зоран Заев, поради најавите за ре-прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје, но овој пат со многу ниска заштита од V категорија – заштитен предел. На итната средба, додаваат, поканети се и претставници од Шумарскиот факултет, МЗШВ, УХМР, ЦУК, Агенција за за планирање на просторот.
„Причините се што и покрај гласноста и противењето на научната и експертска јавност во тек на јавните расправи, дебати, технички координативни средби при МЖСПП, прес-конференции, издадени негативни мислења од институциите, Министерството за животна средина и просторно планирање на чело со министерот Насер Нуредини одлучија да продолжат со процесот на ре-прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје, но овој пат со многу ниска заштита од V категорија – заштитен предел.
Од МЖСПП се прават слепи и глуви на минатото, но и на сегашноста на Водно и се продолжува со шарадата, кога е крајно време да се прекине. Наместо изготвување на бараниот посебен Закон за Водно, со кој би се изготвила сеопфатна, ИНТЕГРИРАНА заштита на Водно, се продолжува со Одлуката базирана само на еден, многу мал аспект од Водно“, велат еко-активистите.
За нив е опасен ставот на ресорното министерство дека донесувањето на Одлуката не претставува пречка за подготовка на посебен Закон за Водно. Појаснуваат дека со предвиденото зонирање и предвидените активности се поништуваат огромен број веќе изработени студии за заштита од ерозија и поплавување. Сметаат дека носење на Одлуката за презаштита на Водно и носењето на посебен Закон за Водно не може да одат рака под рака, зошто ќе се во меѓусебна колизија.
„Ако Владата ја донесе предложената Одлука за презаштита на Водно, но овој пат од V категорија, ќе ја доведе безбедноста на граѓаните на Скопје во опасност, поради не земање предвид на ерозивните процеси на Водно, појавата на свлечишта, опасноста од поројни поплави и пожари. Бидејќи зонирањето кое се наметнува со одлуката не ги зема овие нешта предвид.
За разлика од построгата и постоечка заштитата која е на сила од 1976, со измени во 1989, 1990, 1991, со која најголемиот дел од Водно е заштитен како предел со посебни природни карактеристики: парк-шума. Водно во својот најголем дел е вештачки пошумено со видови кои претежно не се автохтони. Она што во најголема мера настанало вештачки, се прогласува за природно тогаш, поради постоење на правен вакуум и неопходноста за заштита поради безбедносната улога која ја има пошуменото Водно за град Скопје“, додаваат активистите.
Укажуваат дека Водно има голема улога за безбедноста од поплавување на градот и заштита од пожари, но важна е и неговата рекреациска улога, еколошката улога за прочистување на воздухот и на крај е заштитата на природното и културно наследство.
За крај споделуваат и дел од официјално доставеното мислење на Агенцијата за планирање на просторот до МЖСПП:
„Прогласувањето на подрачјето со уважување на само еден аспект (природниот, кој за Водно воопшто не е доминантен) и игнорирајќи ги останатите, кои за граѓаните на Градот Скопје значат заштита, безбедност и живот без сериозни закани; значи дека Водно ќе го претвориме во еден простор кој за идните генерации наместо подрачје со мултифункционално значење, ќе се претвори во подрачје со бројни проблеми без решение.“, стои во соопштението.