Иницијативата „Го сакам Водно“, побара итно прекинување на сите активности за изградбата на гасоводот кој минува по сртот на Водно. Нивниот став го пренесуваме интегрално:
Загрозување на животот на работниците на терен
После месечна борба на претставки и жалби, стигнавме до амбис. Буквален и фигуративен. На спустот према Шишево багерите се на ивица од провалија. Се работи на исклучително тежок терен со наклони од 63% во должина од 107 метри, од 71% во должина од 163 метри, итн. Работниците треба да ги носат багерите во амбис, зошто така оди трасата на гасоводот. Неколку дрвја се гледаат напред и после тоа пука видик, зошто дрвјата се удолу. Треба да го ризикуваат својот живот за да се продолжи лудилово – по секоја цена гасовод низ Водно.
Потребни ли се жртви да паднат за да запре ова лудило?!! Дури тогаш ли Владата, институциите, инспекторатите ќе се повикуваат на цела низа недоследности, пропусти и го стопираат градењето? До сега иницијативата Го сакам Водно до разни инспекторати има испратено околу 30 претставки, жалби во кои има укажано за пропусти и недозволени состојби. Едни немале доволно луѓе за да излезат не терен, други биле, ама сè било во ред, трети не биле надлежни… се тера, како сè да е во најдобар ред, а ништо не е во ред. Див запад.
Игнорирање на мерки за заштита од ерозија
Мерките за заштита од ерозија не се применуваат, а се потребни на сите наклони на трасата поголеми од 20%, во парк-шумата Водно препорачано е да се имплементираат низ целата делница. Мерките не се применуваат, зошто постапката за јавна набавка за избор на фирма која ќе ги спроведе не е завршена. Планот за заштита од ерозија, така прикрпен, е доставен пред еден месец до МЕР и Министерството за транспорт и врски, после нашето барање за достава на истиот.
Дали некој од надлежните излезе со став да не се гради, зошто нема кој да ги спроведе мерките за заштита од ерозија? Не. Се има правосилно одобрение за градење. Толку. Преведено на јазикот на институциите: може да се прави што се сака, по секоја цена.
Симптоматично обновување на решението за сеча од градоначалникот Шилегов
Решението за сеча на Град Скопје, истото она што истече пред повеќе од месец дена, е бесправно издадено, бидејќи е издадено за реализација на правосилно одобрение за градење, но проектираната траса не е користена за да се пресмета проценката за штета и висината на средствата од МЕР исплатени на Град Скопје, што е предуслов за да се издаде Решението.
За тоа е користена изменета траса, која не е дел од тоа одобрение за градење и која сè уште не е одобрена. Владеење на правото? Секако дека Не.
На ова вакво истечено Решение од повеќе од три недели, после нашето алармирање, МЕР бара да му се измени рокот и Град Скопје веднаш го менува од 30 дена, до 1 март 2019. Ние, граѓаните и жители на Скопје, не сме имале право да се жалиме на ова бесправно Решение за сеча во парк-шума Водно, добро од јавен интерес, бидејќи не сме била странка. Јавноста за јавен интерес нема право да се жали.
Студијата за ОВЖС – можен фалсификат
Дека целиов процес е правна дупка до дупка, потврдува и студијата за ОВЖС која оценува како ќе влијае проектот врз животната средина, при што еден од професорите потпишан како соработник сам, јавно се иззема, изјавувајќи дека прв пат слуша дека бил дел од изработката на ваков проект. Директорката на фирмата Технолаб, која стои зад изработката на студијата потврди пред сите, пред Реџепи, Макрадули, Шилегов, пред член од инспекцискиот совет, пред професорот од шумарски Иван Блинков и редица други, дека е во прашање ПЕЧАТНА грешка каде што стои името на професорот Мицевски како соработник.
Печатна грешка после 7 години од печатење на студијата?! Лажирано име на соработник = печатна грешка? И оваа студија е валидна и врз основа на неа се спроведува проектот?! И сите глумат дека не е страшно што имаат потенцијален фалсификат во рацете.
На страна сите недостатоци во неа, застареноста, немање на јавна расправа за граѓаните да се запознаат, и слично, колку вакви грешки ќе ни се сервираат како “техничка грешка”? Зошто никој, а пред сè министерот Сугаревски, кој ја има можноста, не ја запира постапка и не вели дека ова навистина ги преминува сите мерки и дека проектот мора да претрпи ревизија? Се нема политичка волја да се преиспита.
Немање дозвола/мислење од Министерство за одбрана за градба во непосредна близина на бункери и загрозување на јавната безбедност
Дали АРМ и Министерството за одбрана дале мислење за трасата на гасоводот да оди покрај бункерите? Кој од таму се сложил дека трасата може да оди ПРЕКУ едниот бункер, во оригиналната траса, а сега кај изменетата да оди покрај?
Главната противвоздушна одбрана на Скопје е сместена тука, па логично е прашањето дали планирате нови бункери, и тоа пак на Водно и по која цена, бидејќи постоечкиве поради близината на гасоводот ќе бидат неупотребливи?!
Дополнително, не се спроведува планот на мерки за непредвидени незгоди за време на изградба, нема детално планирање на управувањето со незгоди, особено во случај на пожар и експлозии и детална проценка на ризиците. Константно го доведувате во опасност животот на граѓаните, и константно ја загрозувате и уништувате животната средина
Законите за Водно и Матка не се донесени, Владините заклучоци од 22.08.2018 стојат неизвршени
Ги усвоивте предлозите на МЕР и станаа Владини заклучоци, според кои пред повеќе од месец дена Министерството за животна средина требаше да подготви предлог закон за Водно, за Матка, и за парк шумата Гази Баба, за која тогаш, меѓудругото, никој од вашите служби, не ви кажа дека има веќе донесен закон.
Град Скопје требаше да изготви проект за зелени појаси на Лепенец и Серава, она што предизборно Шилегов го ветуваше. Владата ги задолжи сите министерства да ги дадат на располагање сите расположиви средства за пошумување. Дали ги дадоа? Колку? За едно исечено 10 ќе се садат? Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев ветија десеткратно пошумување. Дали Град Скопје донесе програма за рекултивација и пошумување? Ветувања многу, реализација нема.
Од сите донесени заклучоци на Владата пред два месеци, само еден се испочитува и тоа веднаш. МЕР да продолжи со изградбата на гасоводот низ парк-шума Водно.
Како ќе го носите законот за Водно, кога во исто време копате и корнете низ него? За да се донесе, треба да се дополни инвентарот со нови податоци за природни живеалишта и видови во парк-шума Водно од национално и ЕУ значење. Како да се направи тоа кога на дневна основа се уништуваат природните живеалишта и видови со продолжување на овој ужасен проект?! Мисли ли некој во оваа држава на општото добро? На почитување на закони и прописи? Законот за Водно требаше да го донесете за 30 дена, кон крајот на септември. За да е готов, треба да се направи биомониторинг на живеалишта и видови, а тоа е невозможно да се направи ако се гради низ Водно. Или планот ви е прво да го изградите гасоводов, да уништите живеалишта и видови, па после да носите мртов Закон за немање потреба од заштита на Водно?
Лошиов проект бил наследен и не можело ништо да се направи.
Кој гради и не почитува ни закон, ни пропис, ни мерки, ништо?Кој работи на високи падови без да има одобрен план за заштита од ерозија и без назначена фирма која ќе го спроведе?Кој менува рокови на истечено Решение за сеча? Вие. Не претходните.
Уште еднаш ги повикуваме сите движења, организации, професори кои се бават со правата на работниците, човековите права како Ленка, Солидарност, проф. д-р Мирјана Најчевска, да се огласат и го дигнат својот глас против вакво спроведување на гасоводот низ Водно со ставање на ризик на животот на обичниот работник.
Ја повикуваме министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска да преземе итни мерки веднаш и го запре загрозувањето на животот на овие работници. Ја повикуваме министерката Шекеринска да се изјасни по прашањето на загрозување на јавната безбедност, во контекст на бункерите и гасоводот. Ги повикуваме да ги прекинат сите понатамошни дејствија и повикаат на ревизија на проектот, во надлежност на министерот Сугарески. На вас е да го запрете лудилото пред да биде прекасно.