Годинава запишани 6.665 гимназијалци, наспроти 10.023 ученици во средните стручни училишта

Според видот на образованието, оваа година бројот на новозапишани ученици во гимназиите изнеснува 6.665 ученици, додека пак бројот на новозапишани ученици во средните стручни училишта изнесува 10.023 ученици.

Оваа информација денеска беше објавена од Министерството за образование и наука (МОН) по средбата на министерката Рената Дескоска со Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

На средбата станало збор за популаризирањето на средното стручно образование и реформите во наставните планови и програми кои, според министерството, треба да придонесат во создавањето на млади луѓе кои по завршувањето на средното образование ќе бидат високо квалификувани и компетитивни на пазарот на трудот.

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска на средба со Делегацијата на германското стопанство во Македонија

„Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, ја потенцираше потребата од вклученост на стопанската комора во процесот со цел подобро усогласување на потребите на пазарот на трудот и профилирањето на работниот кадар и истакна дека инвестирањето и модернизирањето на средното стручно образование ги зголемува шансите на младите за квалитетни работни места“, соопштуваат од МОН.

Инаку, делегацијата која денеска се сретна со Дескоска беше составена од Шефот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс, координаторот на проектот, Тобијас Боле и проектниот асистент, Дејан Чуповски.