Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар вечерва (26 февруари) во киното „Фросина“ ќе го одржи својот традиционален годишен концерт.
Оркестарот ќе свири под диригентската палка на Ванчо Јовчев, а на програмата се дела од Чајковски, Вебер, Хендл, Бах, Дворжак, Шопен, но и од повеќе македонски автори.
Мандолинскиот оркестар на МКЦ е формиран во 1981 година. Во својата програма вклучува дела од сите правци и музички епохи од областа на класиката, обработки, стилизации и творби од народното творештво на Македонија, како и најсовремени теми кои се музички тренд на младите.
Членови на оркестарот се ученици од основните и средни училишта и студенти од различни факултети. Сепак ансамблот повеќе од три децении успешно ги надминува границите на музичкиот аматеризам.
Концертот почнува во 20 часот, а влезот за посетители е слободен.