Колективот „Гола планина“ со настан во скопскиот локал „Котур“, во среда 12 февруари, ќе претстави дел од новиот нов бран, трилогија на нов звук, на млада енергија која, како што велат, пополека ја превзема музичката сцена. Односно, бендови и музичари од три различни градови.
Едниот од нив е „LSD During War“, млад бенд од Скопје, кој создава енергична и мрачна мешавина од слaџ и ну метал.
„Тие се подготвуваат да го снимаат нивното деби ЕП, а пред тоа ќе го издадат нивниот сингл ‘Assault Swing’. Со комбинирање на горчливоста на слaџ металот и разиграноста на ну металот, носат суров звук и агресивна енергија на сцената, спојувајќи тешки рифови и моќни вокали“, стои во најавата.
Исто така, ќе настапува „Корка“, гласен петчлен бенд од Кочани, кој инкорпорира множество елементи од дисонантниот нојз рок од 90-тите и бурната алтернативна рок сцена.
„Со својот истоимен ЕП кој излегува наскоро, преку бучни рифови и нежни вокали ви го претставува ужасниот живот на анти-херојот Ристо“, соопштува колективот.
Воедно, вечерта ќе се претстави и „Pondskull“.
„Комбинира елементи од многу различни електронски жанрови, со ритми од футворк, тапани од драм енд бејс, висок број на удари во минута и брутален шум – нејзината музика е аудитивен напад“, пишува во најавата.
Картата е 250 денари. Заинтересираните можат да купат во претпродажба во „Котур“ или директно на врата.