Првото издание на Фестивалот на џез, ворлд и современа музика започнува утре (04.09) и истото ќе се одржува на неколку локации низ Велес.
„Фестивалот на џез, ворлд и современа музика го создадовме тргнувајќи од фактот дека на Велес му недостигаат настани со поразлична уметничка вредност, случувања кои со задоволство би ги посетувале самите ние. Сфативме дека не може само да сме жедни за културно квалитетна програма, тука дека треба самите да преземеме нешто. Идејата беше да направиме фестивал на кој би била пласирана квалитетна оригинална музика и да вклучиме и други видови уметност (видеопроекции, театарски перформанс, проекции на масло и вода). Главни виновници се Борче Пејчев, Славчо Коцев, Сашко Костов, Фаик Мефаилоски и многу драги пријатели кои помогнаа во организацијата на самиот фестивал”, велат од „Арт Генератор” кои се организатори на фестивалот.
Фестивалот официјално ќе биде отворен со концертот на Енес Беговски на хенг драм што ќе се одржи на Спомен Костурницата во Велес во 20:00 часот. По концертот на Беговски ќе следи театарско музичкиот перформанс „Чекална 4” во кој учествуваат Фаик Мефаилоски, Сашко Костов, Славчо Коцев, Андреа Мирческа и Петар Христов. Вечерта ќе ја заокружи настапот на дарк фолк музичкиот состав „Перија”.
Организаторите информираат дека програмата на 4 септември е бесплатна.
Фестивалот на џез, ворлд и современа музика ќе трае до 10 септември, а програмата за останатите денови најавува концерти и арт перформанси на Сашко Костов, „Такси Конзиулиум”, Дина Јашари и другари, „Летечки Пекинезери”, “Едит Поинтс”, „Бопхедс”, Шамба и Театар „Сенки и облаци“.
Целата програма може да се види тука.
Фестивалот се реализира во поддршка на Општина Велес.