Просечната отвореност на општините за 2021 година изнесува ниски 25%, покажува ново истражување на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис кое опфаќа 80 општини и Градот Скопје. Нивните наоди покажуваат дека единиците на локалната самоуправа применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење.
Па така, голем дел од веб-страниците на општините сѐ уште не ги содржат основните информации кои се барани со закон. Дел од нив, како општината Кривогаштани, не се регистрирани на доменот gov.mk. Други пак, како Општина Илинден на пример, имаат по две веб-страници. Покрај ова, дел од веб-страниците на општините, како на Општина Сарај, не ги задоволуваат барањата за кибер безбедност и голем број немаат функционални алатки за пребарување.
„Општините генерално не објавуваат никакви или минимални податоци за работење на јавните претпријатија и работата на советот. Кај голем дел од општините единствена информација за јавните претпријатија е линк до веб страницата на истото, каде нема речиси никакви документи и информации од корист за граѓаните“, велат од Метаморфозис.
Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2021 година најдобри резултати имаат општините Охрид (51%), Василево (48%) и Кочани (48%), додека најниско е рангирана општината Пласница (3%).
Во однос на планските региони, истражувањето покажа дека најотворени се општините во Југоисточниот регион, со просечна отвореност од 34%, додека најмалку отворени се општините во Полошкиот регион со просечна отвореност од 19%.
Во извештајот се наведува и дека 12 општини го немаат објавено буџетот на општината на својата веб-страница, а само 10 општини имаат објавено граѓански буџет, со што се скратува можноста граѓаните, на едноставен начин, преку графикони и илустрации, да го разберат буџетот. Покрај ова, општините не објавуваат податоци за платите на функционерите и надоместоците на членовите на Советот на општината.
„Единиците на локалната самоуправа исполнуваат само 27% од индикаторите опфатени во под-областа финансиска транспарентност. Општините треба да објавуваат повеќе податоци и информации за буџетот и трошењето на јавните пари бидејќи тоа придонесува за намалување на корупцијата, како и за обезбедување ефективно учество на граѓаните во процесите на буџетирање. Во под-областа финансиска транспарентност, истражувањето покажа дека најдобри резултати има општина Карпош (58%), а најниско се оценети општините Теарце, Сарај, Студеничани, Сопиште, Пробиштип, Врапчиште и Арачиново кои не објавуваат никакви податоци за нивното финансиско работење“, велат од Метаморфозис.
Согласно законската рамка во нашата земја ЕЛС имаат обврски за прибирање на голем број на податоци и водење евиденции. Доколку овие податоци не се ограничени со Законот за заштита на личните податоци треба да бидат објавени на веб-страниците на општините. ЕЛС исполнуваат 45% од индикаторите опфатени во под-областа организациски информации.
„Дел од општините не ги ажурираат редовно сите јазични верзии на веб- страниците, односно информациите не се објавуваат доследно и не се достапни на сите службени јазици на општината. Повеќето општини немаат некаков документ (стратегија, политика, постапка) во врска со отвореноста и транспарентноста. Општините, исто така, треба повеќе да инвестираат во едукација на вработените на теми како транспарентност, отчетност, отворени податоци и сл“, се наведува во извештајот.
Според нив, загрижувачка е бројката од 21 општина кои немаат објавено никакви податоци поврзани со процесот на донесување одлуки. Ова, како што забележуваат, е значајна област која треба да се подобри бидејќи со поголема пристапност на информациите за одлуките на Советот и градоначалникот, навремено известување за нивната работа, граѓаните добиваат можност за вклучување во донесувањето на јавните политики на локално ниво.
Дополнително, реагираат што ЕЛС многу малку работат на собирање и објавување на податоци за ефективноста на политиките, нивниот степен на спроведување и нивното влијание.
„Стратешкото планирање треба тесно да биде поврзано со процесот на подготовка на буџетот на општините. Праксата на планирање на буџетите без соодветна стратешка рамка предизвикува општините нереално да ги планираат буџетите што резултира со големи долгови. Потребно е значајно подобрување на процесот на стратешко планирање на локално ниво. Имено, повеќето од општините не ги објавуваат потребните стратешки и плански документи и немаат пишан план кој ги утврдува целите за развој (Стратегија за развој) и/или акциски план за спроведување на Стратегијата за развој. Во однос на планските региони, во под-областа планирање и програмирање највисоко се оценети ЕЛС во Вардарскиот регион (26%), а најниско општините во Полошкиот регион (2%)“, оценуваат од Метаморфозис.
Само 25 општини имаат објавено време за консултации на градоначалникот со граѓаните
Доменот што ги поврзува сите четири принципи се отворените податоци. Просечната исполнетост на индикаторите за отворени податоци за 2021 година изнесува 12%, посочуваат од Метаморфозис.
Согласно Стратегијата за отворени податоци, отворените податоци се препознаени како можност за унапредување на владеењето во поглед на транспарентноста, отвореноста и отчетноста на сите нивоа, вклучително и на локално, а исто така можат да бидат и силен поттик за економски и социјален развој во државата.
Во извештајот на Метаморфозис стои и дека дека општините објавуваат дел од документите (податочните сетови) кои се нивна законска обврска, но не сите. Сепак, за прв пат годинава, се објавени податочни сетови во целосно отворен (машински обработлив) формат од страна на некои општини.
„Охрид, Кавадарци, Прилеп, Василево, Зрновци, Аеродром, Штип, Ѓорче Петров, Вевчани, Желино, Куманово и Росоман за прв пат годинава објавија на своите веб-страници податочни сетови во машински обработлив формат. Иако бројката на општини не е голема (12) ова е значаен напредок во работењето на овие ЕЛС и голем исчекор во нивните напори за унапредување на отвореноста во работењето. Националниот портал за отворени податоци, data.gov.mk, до денес содржи 281 сетови на податоци објавени од 57 субјекти, а само 3 од нив се ЕЛС“, истакнуваат од Метаморфозис.
Од 80-те мониторирани општини и Градот Скопје, само 36 или 44% одговориле на онлајн прашалникот за потребите на истражувањето.