Голема кампања за чистење на Преспа

На плажата Претор вчера беше најавена голема кампања за чистење на Преспа ,,Чиста Преспа, моја Преспа“, каде се планираат активности за расчистување на депониите, уредување на плажите, како и за подигање на свеста кај населението и туристите.

„Сето ова ќе се спроведе преку еколошки акции за чистење на плажата Стење- Коњско, патеката и
островот Голем град, плажата Претор, плажата Черти камен, приодниот парк Езерани, како и екоакции во Ресен за амфитеатарот, домот на културата и др. Ќе има чистење на дивите депонии Дрмени, село Љубојно, село Долно Дупени, село Сливница и други депонии. Во активностите ни се приклучија скоро сите невладини организации за екологија, Нула Отпад и Пакомак кои ќе постават и дополнителни контејнери за селекција на отпадот. Посебно значење за нас има Мониторинг станицата во Стење за вршење на анализи на квалитетот на водите во Преспанското Езеро и сливното подрачје, која е опремена со своја хемиска и
биолошка лабораторија, и на располагање има еко-брод и чамец, а нејзините капацитети веќе се
користат за одржување на обуки и работилници“, појаснуваат организаторите на кампањата.

Кампањата ја поддржаа голем број јавни личности, како и локалните власти.

,,Водени од пораката ,,Да ја оставиме чиста Преспа за идните генерации бидејќи од нив ја позајмивме, а ја добивме од претходните, денеска на плажата Претор, започна најобемната кампања за чистење на Преспа. И не треба некој друг да почне, од сите нас зависи, секој нека тргне од својот двор, од својата улица, од своето маало. Само така ќе можеме да ја оствариме нашата цел- Чиста Преспа, моја Преспа”, изјави градоначалникот на Oпштина Ресен, Живко Гошаревски.

Меѓу подржувачите се и актерите Игор Ангелов и Владимир Тулиев, кои се назначени за амбасадори на оваа
кампања.

,,Не сум од Преспа, но имам потекло од тука, веднаш ја прифатив улогата да бидам амбасадор на една ваква кампања. Секој дел од нашата Македонија е убав, ајде на почеток да ја исчистиме Преспа!”, изјави Ангелов.

Сумирањето на резултатите е закажано за точно еден месец.