Голема раздвиженост забележа екипата на Радио МОФ за време на денешните студентските избори на Економскиот факултет при УКИМ. Изборите се одржаа во библиотеката на факултетот со почеток во 8 часот, а ќе траат до 16 часот. Студентите од Економски гласаа за претседател и членови на факултетското студентско собрание.
„Право на глас имаа сите студенти коишто се запишани во соодветната година и кои имаат заверено зимски семестар. Воедно имаме гласање и на втор и на трет циклус на студии. Нашето факултетско собрание треба да го сочинуваат вкупно 32 претставници, поточно по 7 од секоја студиска година од прв циклус студии, 3 од мастер студии и 1 докторант. Значи вкупниот број на претставници е 32. До овој пресек, до 12 часот излезноста вкупо од сите години, според нашата статистика е 5,5 отсто“, изјави Виолета Цветковска, професор и член на изборната комисија“.
Од изборната комисија споделија дека право на глас имале сите студенти кои дошле и се легитимирале со индекс, а гласањето до 12 часот се одвивало непречено и во најдобар ред. Во факултетскиот двор поразговаравме и со студентите што ги сретнавме. Ги прашавме што очекуваат од овие избори.
„Гласав затоа што ги познавам квалитетите на кандидираните колеги, верувам во нивните амбиции и интегритет. Се надевам дека ќе биде слушнат гласот на студентите и со голем оптимизам ги очекувам новите промени“ – рече И.С, студент од трета година.
Денеска се избираат студентски претставници и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. За утре пак се закажани студентските избори на Машинскиот факултет.
Александра Субашиќ