Goran Alavux Alavuk е еден од ретките артисти кај нас кој се обидува да го пренесе флоуто на чист електро музиката од нејзиниот корен – Детроит. Веројатно попознат за електро-техно сцената и оние кои умеат да се најдат на добар „рејв“, Alavux својот звук го гради веќе 15 години, а го претставува во живо на сцените низ Европа и Балканот.
Досега на платформата Бендкемп има објавено стотина музички изданија, а вели дека на површина наѕираат уште проекти. Моментално, како што ни открива привршува со серијал од десет изданија кои ќе бидат достапни само на Бенкдемп, а работи и на аудио касета за издавачка куќа од Хонг Конг со настап во живо во Шарлерој, Белгија од оваа година.
„Во суштина ова што го правам е измеѓу професија и хоби. Нема многу леб во оваа професија на нашите простори, мислам има, но треба многу труд и објаснување. Во овие 10-15 години не бев постојано активен, но да речеме дека во последно време гледам некој интерес, па ајде да направиме нешто повеќе“, споделува тој за Радио МОФ.
За неговата музика има признание од еден од пионерите на техно музиката како Хуан Аткинс (Juan Atkins), Лорен Гарние (Laurant Garnier) и диџеј Стрингреј (DJ Stingray) Дејв Кларк (Dave Clarke), Хелена Хауф (Helena Hauff) и многу други. Звукот го добива како микс од инспирација и експериментирање со битови и од секојдневниот живот.
„Може да речеме дека е тој ‘Detroit way of thinking’ плус синтисајзер или нешто друго, што ќе ми дојде во моментот. Никогаш немам главен план, а и да имам, на крајот секогаш излегува нешто сосем друго. Од самите ситуации произлегува моментот на ‘go with the flow’ и така се раѓа звукот“, раскажува тој.
Со сетови музика во живо настапувал во Холандија, Белгија, чест гостин е и во Србија (од каде и доаѓа), Хрватска, Атина, Словенија, Словачка. Македонската сцена, вели, за жал е малку поограничена или можеби ѝ треба уште време за да се навикне на ваков вид музика.
„Но, разбирам – кога имаш толку многу кафулиња и само ‘еден ипол’ ноќен клуб. И во Белград, за споредба не е сјајно, но постои бар некоја сцена, некој клуб, некое место. Бар нешто се случува. Тука десетина луѓе се вртат на сцената како да се само они. Наспроти тоа, мислам дека има публика, но само за тие десетина кои им пуштаат иста музика. Неколку пати сум пуштал и тука, има луѓе, но за малку ‘помека’ варијанта. Мислам дека им треба уште малку да се навикнат на овој, да го наречеме ‘Потврд Детроит’ техно зук“, забележува артистот.
Сепак, проблемот е вели, на глобално ниво.
„И на македонско тло, но и како глобален проблем е тоа што не постои баланс меѓу мејнстрим и андерграунд. Сите нешто се оддалечуваат еден од друг, а во суштина проблемот е што луѓето одат и на едните и на другите журки. Така што, фали баланс меѓу да речеме соодветен андерграунд и мејнстрим, ако воопшто денес има мејнстрим звук. Тоа е така во последните 10-15 години откако сите почнаа да пробуваат да бидат EDM-артисти, а немаат 10 денари во џебот“, вели Alavux Alavuk.
На младите и идни артисти им препорачува да се држат и да бидат доследни во она што го уживаа; „Направете свој звук. Само така може“!
Во претстојниот период подготвува издание за францускиот лејбл „Brique Rouge”, со кое, како што ни откри треба да го добие звукот на гето-хаус и техно од Чикаго, што и за него е ново и интересно, а наскоро достапно на Бендкемп.
Ангела Бошкоска