„Сакав да направам филм за некој што кон светот гледа како кон нешто сосем ново, да му дадам чувство на гледачот дека приказната на некој начин зазема место надвор од времето“, вели Горан Столевски, режисерот и сценаристот на филмот „Нема да си сама“, што вечерва ќе има своја македонска, но и европска премиера на Фестивалот за европски филм „Cinedays“.
Филмот е сместен во 19 век и ја раскажува приказната за девојче кое е киндапирано, а подоцна и трансформирано во вештерка од страна на древно суштество. Љубопитно за животот како човек, вештерката ќе убие селанка во блиското село и ќе ја преземе нејзината форма со цел да живее во нејзината кожа. Нејзиното љубопитство и понатаму се разгорува, па вештерката продолжува да ја користи својата моќ за да сфати што значи да си човек.
„Нема да си сама“, својата светска премиера ја имаше на најголемиот фестивал за независен филм – „Sundance“ на 22 јануари оваа година.
Освен по премиерата на „Санденс“, филмот во македонската јавност стана познат и по контроверзната одлука на македонската Агенција за филм да не го поддржи финансиски. Столевски вели дека причината поради која филмот не доби поддршка е поради тоа што оценувачите на „Нема да си сама“, го оцениле филмот со 22 поени од можни 100.
„Да бидам фер, Австралиската филмска агенција исто така го одби филмот неколкупати, бидејќи сметаа дека е некормецијален. Иронично, ‘Нема да си сама’ стана првиот австралиски филм кој го презеде холивудскиот дистрибутер ‘Focus Features’. Додека агенциите ме одбиваа, тие истовремено поддржуваа и доделуваа средства на многу други, остварени и работливи млади филмаџии“, раскажува тој.
Зборувајќи за филмот, Столевски за Радио МОФ вели дека сакал да започне со премиса што вообичаено припаѓа на хорор филм, но да ги приоретизира чувствата на карактерите и врските наместо да се држи до нормите на самиот жанр.
„Во основа, начинот на живот во Порече во 1800-тите години е речиси идентичен како 500 години претходно. Истовремено, од личен аспект, сосема е ‘рандом’ што јас сум роден во Тетово во 1985 во тело на маж. Можеше и јас да бидам роден во Порече во 1786 во тело на жена. Затоа и јас се прашував што би се случило доколку ја транспортирам мојата личност и темперамент до тоа друго време и место и што би се случило ако ја поделам меѓу овие две жени“, вели тој.
Столевски и како сценарист на филмот, објаснува дека откако го создал јадрото на приказната, поминал неколку месеци и во истражување на секојдневието во Порече, со цел да ја направи приказната повистинска, но и поживописна.
„Не ги истражував предолго регионалните митологии, од причина што беше тешко за мене да најдам и да добијам пристап до повеќе текстови – тогаш живеев во Англија. Единствениот елемент кој го открив и кој си најде место во филмот беше фигурата на ‘Волкојадот’ кој бил присутен во фолклорот и суеверијата во Полошкиот регион и Порече. Во филмот, тоа е фигурата на ‘Волкојатката’“, забележува тој.
„Волкојадката“ е импозантна филмска фигура чие присуство го привлекува вниманието на гледачот. Интересен факт е дека таа говори на влашки јазик, а карактерот се чини дека има и две страни – добра и лоша. Нејзината поставеност кон младата вештерка е истовремено и мајчинска и груба, а приказната зад нејзиниот лик наведува и на поетиката на Другиот.
Столевски нагласува дека на теориите и конструкциите за тоа како функционира уметноста, лично ги смета за контрапродуктивни врз креативноста.
„Кога пишувам и режирам, мислам само на тоа како да се поврзам на примално, исконско ниво на чувство со актерите, соработниците и гледачите. Сè потекнува од чувство и од сетилно искуство, а не од интелектуални идеи. Не пишувам за да ставам фокус врз одредени проблеми или тематики. Пишувам приказни кои ги документираат моите чувства и сензации и го рефлектираат моето разбирање за светот, кои му даваат смисла на мојот живот и ме поврзуваат со други луѓе“, посочува тој.
Во филмските критики за „Нема да си сама“, многумина го споредија стилот во кој е изведен филмот со оној на холивудскиот режисер Теренс Малик. Столевски се надоврзува дека токму тој е еден од неговите омилени уметници кои имале влијание врз него.
„Многу бев изненаден што неговото име беше единственото што се поврза со филмот. Очекував да се појават неколку други имиња, бидејќи свесно и буквално ископирав еден кадар од трилогијата ‘Земја’ на Александар Довженко. Но од друга страна, кога пишувам и режирам никогаш свесно не размислувам за други уметници, влијанието од други уметници доаѓа несвесно. Гледачите најверојатно може подобро да ги забележат влијанијата од други уметници во филмот, отколку јас“, истакнува Столевски.
„Нема да си сама“ официјално излезе во кината во САД на 1 април 2022, а во кината во Австралија ќе започне да се прикажува на 25 август. Македонската публика за првпат ќе може да го гледа филмот вечерва во 21 часот, во паркот на Младинскиот културен центар.
Ивана Смилевска
Ангела Бошкоска