Гордана Силјановска: Горда сум на моите студенти

„Горда сум на моите студенти. Нивниот протест има легитимна цел и ќе бидам со нив и во предавалните, но и на протестите. Тие млади луѓе ми даваат енергија и инспирација и овој пат ги заштитија и професорите и универзитетот“, вели за Академик професорката од Правниот факултет, Гордана Силјановска, која на третиот студентски протест чекореше со своите студенти.

За професорката Силјановска е нелогично и неоправдано да се носи законско решение што најмногу ги засегнува студентите, професорите и универзитетите без притоа да постои дебата и дијалог, што, пак, е одраз и на немањето почит кон академската заедница.

„Логично е најпрво за овие законски измени да бидеме прашани ние, да постои дебата за тоа, да се одважи некој министер да дојде и да разговара со професорите. А дебата не е монолог. Ние и побаравме да бидеме повикувани да дадеме свои забелешки во матичната собраниска Комисија, но тоа не се случи. А чие е Собранието? Тоа не е ниту на Владата, ниту на партиите, тоа им припаѓа на граѓаните, оттаму извира и суверенитетот на државата, се разбира. Нашите забелешки требаше да бидат разгледани низ собраниската процедура, но сега останува пратениците да ги отфрлат законските измени. Тие мора да имаат предвид дека законот не е само процедурално донесување на актот, туку тој мора да имаат легитимитет. Законите се акти што треба да бидат легитимни и да го изразат општиот интерес затоа што чуму ви е таков закон ако не го изразува тоа, нешто на што укажувал дури и Аристотел“, вели Силјановска.

За „Академик“ таа додава дека државниот испит е сосема непотребен и несоодветен и е задоволна од одлуката на Ректорската управа со која се бара повлекување на предложените законски решенија, што според неа значи единство на Универзитетот и солидаризирање со студентите.

„Ова се поинакви протести и студентите нè заштитија нас. Силна е идејата, интригантните пораки, нивната идентификација со индексот“, потенцира Силјановска.

„Целта на студентите е силно легитимирана, а местото на професорите е кај студените. Јас како професор никогаш не сум гледала кој е Македонец, кој е Албанец, сдсмовец или вмровец, сите се студенти и имаат право на слобода на мислата и на заштита и одбрана на нивните права. Како јас, која им предава и ги учи за вредностите за слободата на мислата, да не бидам со нив. Јас ги поддржувам во таа нивна кауза и секако дека местото ми е таму“, вели професорката по уставно право.