Густ црн чад може да се забележи над скопската депонија „Дрисла“, која според локалните жители започнала да гори во раните утрински часови.
Активистот Сених Браховиќ, во видео кое го сподели на Фејсбук, вели дека добил многу повици од жители на Батинци и другите населени места во околината на депонијата кои се исплашени од евентуалното загадување на воздухот. Браховиќ ги повика институциите веднаш да се активираат и да се спречи ширењето на чадот.
Пред две недели стотина жители на скопското село Батинци и околните населени места излегоа на протест на кој побараа осовременување или затворање на депонијата, со образложение дека огромен дел на жителите имаат проблеми со белодробни заболувања, инфекции и рак поради загадувањето, кое сметаат дека доаѓа од „Дрисла“.
„Оваа околина – Батинци, Драчево, Сопиште е многу загадена. Не може да успее ниедна бавча. Луѓето се чудат – како порано можело, а во последното време не. Затоа што сè е загадено – и воздухот и земјата и подземните води“, рече тогаш Браховиќ кој е дел од иницијатавата „Младината на Батинци“.
Граѓаните потенцираа дека нивното главно барање не е дислоцирање на депонијата, туку почитување на европските стандарди, преку инсталирање соодветени филтри и печки кои нема да ја загадуваат средината. На протестот тие побараа средба со надлежните на која ќе ги образложат нивните проблеми.