Во исчекување на новиот албум на Gorillaz, бендот на своите Инстаграм и Твитер профили споделуваше мултимедијални приказни кои се фокусираа на секој од членовите на групата. „The Book Of 2D“ е последна во низата.
Возбудата за новиот албум постојано се зголемуваше откако бендот ги освежи веб-страницата и профилите на социјалните мрежи. Од тогаш, тие се активни со тоа што споделуваа стари фотографии и бизарни кратки приказни.
По претходните приказни, „The Book of Noodle“, „The Book of Murdoc“ и „The Book of Russel“, последната се однесува на 2D, чие дејство се одвива по нападот на Plastic Beach. Тој некако се наоѓа во утроба на кит на забава на плажа, а потоа на крај завршува во Лондон каде се соединува со останатите членови на бендот.
Засега нема официјална дата кога албумот ќе биде објавен, иако според најавите треба да биде готов за две недели. Потврдени соработници на албумот се De La Soul, Snoop Dogg, Jean Michel-Jarre и Vic Mensa.