Во вторник, 22 септември, гостиварци повторно излегуваат на протест за да побараат затворање на депонијата „Русино“, која како што велат, редовно се пали за да се направи место за ново ѓубре, и го загадува целиот град.
Најавата за нов протест доаѓа по официјалната изјава за министерот за животна средина Насер Нуредини, дека Русино ќе биде депонија уште 10 наредни години.
„Ве повикуваме на протест на 22.09.2020 г во 17:00часот пред Општина Гостивар. На протестот пожелно е да се појавите со што повеќе пароли! Мора да бидеме гласни и слушнати! Протестот ќе се одржува мирно. Без национални, верски и партиски обележја, уште еднаш да покажеме што гостиварци можат! Бараме итна постапка за нова локација и рок за затворање и санација на Русино. Ве молиме да ги почитувате ковид мерките за време на протестот“, стои во најавата за протестот.
Ден претходно гостиварци го блокираа и пристапот кон депонијата, со цел да спречат ново трупање на ѓубрето и ново загадување. При претходните блокади тие го пропуштаа само отпадот кој доаѓа од Гостивар, но не и околните места кои депонираат во Русино, ама овојпат најавија дека блокадата ќе важи и за камионите од нивниот град.