По повод манифестацијата „Ноќ на идеите“ и во рамките на циклусот на современа француска филозофија, Францускиот институт во Скопје го најави гостувањето на Пјер Касу-Ногес, истакнат филозоф, професор на Универзитетот Парзи 8 и автор на бројни дела.
Манифестацијата “Ноќ на идеите“ за првпат се организира во Франција, на иницијатива на француското Министерство за надворешни работи, а во организација на Францускиот институт, којашто има за цел да ги промовира француските идеи и француската интелектуална мисла ширум светот.
Токму во овој контекст се сместуваат и двете средби со Пјер Касу-Ногес:
– филозофски кафе-клуб на тема „Науката и имагинарното преку новите технологии“, во вторник 26 јануари во 19:30, во кафе-книжарницата „Магор“ (со консекутивен превод), и
– дијалог-средба со Пјер Касу-Ногес, насловена како „Имагинарното, разумот и логиката“, в среда, 27 јануари во 19:00 часот, во ЕУ инфо центарот (со симултан превод).
Пјер Касу-Ногес е француски филозоф и автор на повеќе дела во кои се преплетуваат филозофијата, книжевноста и науката. Роден е во Тунис во 1971 година.
Од 2001 до 2011 год., тој работи како одговорно лице на Центарот за научни истражувања на Франција (CNRS), а од 2011 год. наваму работи како професор на Универзитетот Париз-VIII. Генерално, неговите истражувања се насочени кон односот помеѓу разумот, којшто го создава размислувањето и којшто доаѓа до израз во науката и филозофијата, и имагинарното, коешто доаѓа до израз во книжевноста.