Гостување на Мира Марќинув и промоција на македонското издание на „Безматичник“ вечерва во „Браќа Миладиновци“

Безматичник е семејство пчели останати без матица. „Безматичник“ е и насловот на романот од полската авторка Мира Марќинув, која вечерва, четврток 13 февруари, од 19 часот ќе гостува во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, по повод промоцијата на македонското издание на овој нејзино дело.

Во издание на Издавачкиот центар „ТРИ“, првиот роман на Марќинув – „Безматичник“ е преведен од полски на македонски јазик од проф. д-р Лидија Танушевска.

„Промоторка на настанот ќе биде книжевната проследувачка Наташа Атанасова, која во разговор со Марќинув ќе влезе во острата и сурово збунувачка книжевна реалност, слична на пчеларник без матица“, најавуваат од „ТРИ“.

Напишан на жив, современ јазик, „Безматичник“ може да се чита и како таговна бајка за љубовта меѓу мајката и ќерката, но и за животот на ќерката без мајка. „Си живеела една девојка без мајка и без нокти, односно принцеза на Дизни.“

Марќинув (1985) е писателка и филозофка, доктор по хуманистички науки и психологија на Јагелонскиот универзитет во Краков, доцент на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науките. Работи во Одделението за логика и когнитивни науки на Институтот за филозофија и социологија при Полската академија на науките. Авторка е на повеќе трудови: за историјата на полската психијатрија, за меланхолијата, за историјата на идеите, за книжевното лудило, за танцувањето и за животинската психопатологија. Се занимава со филозофија на психијатријата и теоријата на лудилото, со посебен осврт на полското наследство.

„Безматичник“ е нејзин прв роман. Во 2020 година за него ја добила годишната награда за литература што ја доделува списанието „Политика“.