Организацијата „Гоу Грин“ реагира за најновата предлог-измена на Законот за урбанизам која треба да се изгласа по скратена постапка на денешната 12. седница на Собранието. Активистите се загрижени дека изменаите ќе се донесат без соодветна јавна дебата и учество на засегнатите граѓани и граѓанскиот сектор.
„Со оваа измена, ќе се овозможи уништување на јавни простори и непочитување на постоечките квалитетни законски решенија. Дополнително, изградбата на гаражи за автомобили ќе го зголеми бројот на возила на улиците, наместо да се поттикне користење на алтернативни и еколошки превозни средства. Сметаме дека ваквиот пристап не е во интерес на граѓаните и околината и се надеваме дека оваа измена на закон нема да биде изгласана“, апелираат тие.
Од организацијата велат дека наместо промени на законите, министерот за транспорт треба да се фокусира на подобрување на велосипедската и пешачка инфраструктура.
„Овие промени треба да се спроведуваат со унифициран и универзален дизајн, што ќе го олесни користењето на алтернативни превозни средства и ќе придонесе за почист и попријатен град за сите нас“, велат од „Гоу Грин“.