Иницијативата „Гоу грин“ во склоп на Националната вело-мрежа спреми Предлог-правилник за велосипедска инфраструктура и бара од Министерството за транспорт да го прифати и донесе на национално ниво. Правилникот ќе биде презентиран утре, 29 октомври, на конференцијата која ќе се одржи во Младински центар Матично, Скопје (спроти Градски Парк) со почеток од 13 часот.
„Сведоци сме како изминатите години секој пат кога се изведуваат улици или недостасува велосипедска инфраструктура или истата се изведува без посебни стандарди. Рабниците се високи и по нив не можат да се движат велосипеди, инвалидски или бебешки колички. Некаде патеките се пошироки, некаде од бехатонки, некаде од нерамен асфалт. Ако сакаме да може секој да вози велосипед секаде потребно е да има еден унифициран пристап во проектирањето на велосипедската инфраструктура“, истакнуваат од „Гоу Грин“, кои токму за оваа цел го спреми Предлог – правилникот.
Ако се донесе овој правилник, велат од иницијативата, секоја наредна сообраќајна инфраструктура низ Македонија ќе мора да има велосипедско решение. Независно дали е булевар, маалска уличка, обичен паркинг или велопат кој поврзува градови.
„Македонија е меѓу последните 3 земји на Балканот кои немаат ваков Правилник и оставено е на секој планер самостојно да смислува решение. Да не дозволиме секоја улица да е ‘приказна за себе’ и наместо тоа да покажеме дека се грижиме за одржливиот транспорт преку планирање на просторот и изведување на квалитетна велосипеска мрежа“, додаваат оттаму.
Тие бараат од Министерството за транспорт што побрзо да донесе ваков правилник и ги покануваат сите заинтересирани (стручни и нестручни лица) на конференцијата каде ќе го презентираат.