„Грабење во просторот“, ретроспективна изложба на Глигор Стефанов ќе биде отворена во среда, 19 јуни, во Музејот на современата уметност – Скопје.
Почетокот е најавен во 21:00часот, а изложбата е дел од програмата на Скопско лето.
„Грабење во просторот“ е ретроспективна изложба на авторот од неговото дипломирање до денес.
Стефанов е роден 1956 година во Кавадарци. Дипломирал (1981 г.) и магистрирал (1985 г.) на Академијата за ликовни уметности во Белград (Србија), отсек вајарство. Од 1988 г. живее и работи во Лондон (Англија), а во 1995 г. се преселува во Виндзор (Канада).
Стефанов според она што го прикажува, се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години.
Користените елементи го приближуваат до одредници врзани за едноставното пренесување на пластичната мисла во системот на директна комуникација помеѓу свеста на посматрачот и на поимот, на значењето на делото. Самите акции на обраќање кон предметот се врзани за целосното почитување на неговите програми реализирани со несекојдневна енергија. Неговата главна преокупација е да се поврзе со обичната страна на предметната реалност што тогаш, но и сега ја добива актуелната смисла на прифаќање на делата како целина.
Идејата на скулпторот е да ги остава недопирливите вредности на фактурата или текстурата. Едноставно Стефанов ги издвојува од конвенционалната реторика и ги инкорпорира во контекст на идеите за „враќање на скулптурата“, но како амбиентална (како специфична инсталација) доведена до прагот на барањата просторот во кој е поставена да се подреди на неа. Затоа неговата скулптура е адаптивна како инсталација во различни амбиенти (ентериери или екстериери) задржувајќи ги битните својства на материјалот и формата, посочуваат од МСУ.