„Град што чита е град кој расте“- Oд 1 мај сите жители на Ротердам ќе имаат бесплатно членство во библиотека

Сите жители на Ротердам ќе можат бесплатно да се зачленат во библиотека од 1 мај, по што ќе имаат можност да позајмат шест книги годишно од една од 23-те библиотеки во градот, соопштија градските власти, а пренесува nltimes.nl.

„Освен тоа, членовите ќе добиваат попусти, па дури и бесплатен пристап до курсеви, настапи, предавања и други активности“, велат од градот.

Жителите на Ротердам кои сакаат да позајмуваат повеќе книги или да користат електронски книги или аудиокниги можат да изберат претплата што им овозможува неограничено позајмување за четири евра месечно.

Советникот Саид Касми изјави дека библиотеката има „огромна вредност“ за Ротердам од културна и едукативна перспектива.

„Како советник за култура и образование, неверојатно сум горд што сме првиот град во Холандија што го направи овој важен чекор. Град што чита е град што расте. Со овој потег, Ротердам само станува посилен“.

Главната филијала на Ротердамската библиотека ќе биде реновирана во наредните години. Зградата, изградена во 1983 година и позната по дебелите жолти цевки на нејзината фасада, ќе биде завршена во 2029 година.