Бројни реакции предизвика овогодинешниот Јавен повик на Град Скопје за финансирање на проекти од областа на културата. На социјалните мрежи деновиве можеа да се најдат објави поврзани со повикот – од незадоволни кандидати, па до реакции за тоа зошто се кријат добитниците на средствата.
И покрај барањата на јавноста, Град Скопје неколку дена молчеше на барањата од јавноста да ги објави финанираните проекти, и покрај тоа што во самиот повик пишуваше дека резултатите мораа да бидат јавни.
Откако вчера еден од медумите ги објави резултатите од повикот, Град Скопје конечно ја објави листата на проекти кои добиле финансиска поддршка.
Од единствениот феминистички фестивал во земјава – „Прво па женско“ јавно реагираа за одбивањето на нивната апликација за финансирање на фестивалот од Град Скопје, а од издавачката куќа „Или-или“ велат дека доцнењето и необјавувањето на резултатите повикува на нетранспарентност.
Јана Коцевска од „Прво па женско“ за Радио МОФ објаснува дека секоја година аплицираат за музичката програма на фестивалот за феминистичка култура и акција, а во ноември 2021 година по петти пат аплицирале за финансирање на програмата.
„Прв пат аплициравме во 2018 година, што значи до сега од градот сме добиле четири години поддршка и тоа во 2018 година 150.000 денари, во 2019 година 150.000 денари, во 2020 година 60.000 денари и во 2021 година 50.000 денари“, истакнува таа.
Оваа година апликацијата за прв пат им била официјално одбиена, а Коцевска истакнува дека биле известени по електронски пат, со што немале простор за жалба бидејќи не им било доставено решение, ниту пак образложение за одлуката.
„Ние побаравме одговор од Град Скопје и јавно ја објавивме информацијата за тоа што сме одбиени, но сè уште не добивме одговор“, дополнува таа.
Инаку, одбиениот фестивал за финансирање – „Прво па женско“, е единствен феминистички фестивал во градот а и во Македонија кој дава фокус на теми од родови прашања, женски права, еднаквост, феминистички вредности и практики.
„Низ перспективата на феминизмот и родовоста, фестивалската програма адресира прашања кои вклучуваат жени и други сексуални и родови малцинства, нивни искуства, практики, креативна, активна и проактивна улога во општеството и претставува платформа за нивно среќавање, заедничко работење, размена на искуства и практики и промоција на жените на сцената како и сите оние кои ги опфаќаат овие значајни перспективи на општественото живеење“, вели Коцевска.
За нетранспарентноста и необјавувањето на овогодишните резултати од Јавниот повик, реагираа и од издавачката куќа „Или-Или“.
Ненад Стевовиќ за Радио МОФ вели дека на повикот на Град Скопје учествувале во последниве неколку години, а првпат во 2018 година.
„Вообичаено аплицираме со збирки раскази од наши автори, на книжевен начин поврзани со нашиот град. Во тој период за три книги имаме добиено симболична, но добредојдена поддршка. Лани конкуриравме со две збирки раскази, а деновиве од Град Скопје по мејл нè известија дека не се поддржани. Ние со тоа немаме проблем, не сметаме дека сите наши проекти/книги мора да бидат поддржани, колку и да се за нас значајни“, истакнува Стевовиќ,
Но, тој забележува дека за првпат се доцни со објавување на листата на прифатените проекти, што според него укажува на тенденција на нетранспарентност.
Кои проекти добиле финансирање од Град Скопје?
Највисок буџет во областа на „Визуелни уметности и уметност на новите медуми“, односно по 100.000 денари имаат добиено проектите „Скопје филм фестивал – 2022“, проектот „Споделување уметничка инспирација“ на Здружение за развој на културата и екологијата „Сензус“ – Скопје и 12 издание на Меѓународниот филмски фестивал „Анимакс Скопје Фест“.
Во областа „Изведбени уметности“, 300.000 денари зеле организаторите на осумнаесеттото издание на „Танц фест Скопје 2022 година“, Интерарт културен центар, кои зеле и 300.000 денари за Годишната програма на Скопје танцов театар. Третиот највисок буџет во оваа област е од висина од 233.000 денари, а го добила Асоцијацијата на фолклорни ансамбли и друштва на Албанците во Македонија (АФАДАМ) за Третиот изворен фолклорен фестивал „Аљуш Хамиди“ со одбележување 30 години од основање на Сојузот на албански културно уметнички друштва во Македонија.
Во областа „Музички уметности“, највисокиот буџет, односно по еден милион денари добиле фестивалите „Фјужн фестивал 05“ во организација на Друштвото за организирање културно-забавни активности „Спекталум“ ДООЕЛ и фестивалот „Златно Славејче“ организиран од Здружение Совет за грижи и воспитување на децата на град Скопје. 500.000 денари добило Друштвото за маркетинг, издаваштво и посредување „Баги комуникации“ за организирање на „Скопски градски фестивал VOL. 3“.
Од областа „Издавачка дејност и библиотекарство“, најголемиот буџет, односно по 100.000 денари го добиле „Корпус Деликти Рекордс“ за издавање на „Антологија на македонската рок поезија – 1967 – 2022“, како и Здружение за афирмација на уметност „Флуктус“ за проектот „Оптимизација на самоглас за слепи и лица со оштетен вид“.
Од областа „Меѓународна соработка“, најголем буџет, односно 100.000 денари има добиено Здружението на Македонците по потекло од Албанија – „Сонце“ за манифестацијата „15 години Македонско Културно Лето“, а 80.000 денари добил ЈНУ Институтот за национална историја- Скопје за „Денови на Јустинијан I“ односно десетти Меѓународен научен симпозиум: „Наследство“. Во оваа област преовладуваат и бројни проекти кои добиле ист буџет од 50.000 денари.
Во областа „Музејска дејност, културен туризам и промоција на културно наследство“, највисок буџет од 60.000 денари е одделен за Меѓународниот фолклорен фестивал „Фолклорни вечери на чаршијата“ во организација на Ансамбл за народни песни и игри „Ибе Паликуќи“, додека 50.000 денари се одвоени за Мултикултурен детски фестивал 2020 во организација на КУД „Јени Јол“. И во оваа област преовладуваат многу проекти со буџет од 30.000 односно 40.000 денари.
Радио МОФ пред неколку дена испрати прашања до Град Скопје за тоа кој одлучувал за финансирање на проектите, но до објава на текстот не добивме одговор.
Да се реализира проект за 20 дена
Овогодишното буџетско одбивање, не е првото негативно искуство со Град Скопје за Коцевска. Таа раскажува и за искуство од 2020 година, кога исто така биле извисени од градските власти за финансирање на проект од областа на културата.
Тогаш тие добиле проект од 60 илјади денари, за кој осум месеци воделе писмени преписки со претставници од одделението за култура во Град Скопје, каде апелирале да се потпише договорот за доделените средства, кој конечно бил потпишан на 2о ноември 2о20 година.
„Бидејќи немавме време порано да се подготвивме, настанот го организиравме на 23 декември 2020 и целосно ги исплативме трошоците од наши други фондови, како би ги вратиле потоа со средствата од Град Скопје, по наше упорно настојување. Меѓутоа според договорот сме требале да ја реализираме програмата заклучно со 10 декември – значи ни дадоа да потпишеме на 20 ноември, а требало да го поднесеме извештајот за реализиран настан на 10 декември 2020 – со други зборови да реализираме проект за 20 дена“, вели таа.
Поднесениот извештај на 25 декември 2020 година не бил одобрен, па пропаднале 60 илјади денари за настан кој иронично, како што вели Коцевска, се викал „Право на култура“ и бил дел од програмата „Од Центар кон периферија“, каде се зборувало за состојбата со културата во Шуто Оризари и немањето услови за развој на културата во најголемата населба со ромско население во Македонија.
Од Град Скопје вчера информираа дека на овогодишниот Јавен повик од областа на културата пристигнале 564 апликации, а финансиска поддршка добиле 177 проекти. За финансирањето на проектите, градските власти издвоиле 13,3 милиони денари.
Ивана Смилевска