Во просториите на Град Скопје денеска беше презентиран План за подобрување на квалитетот на воздухот на подрачјето на Скопскиот регион. Планот го изработија Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, а тој покажа дека во Скопје и скопскиот регион најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот потекнува од загревањето на домаќинствата, и тоа со 32%.
Потоа следуваат сообраќајот со 20%, прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности – 19%, индустријата – 18%, сулфатните соли – 7%, нитратните соли – 2%, и прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции – 2%.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски рече дека веќе завлеговме во сезоната кога мерните инструменти бележат зголемена загаденост на амбиентниот воздух и зголемени концентрации на партикуларни честички во воздухот. Нагласи дека граѓаните тоа најмногу го чувствуваат и бараат од властите да понудат решенија.
„Градот Скопје уште во февруари 2011 година на улицата ‘Македонија’ постави автоматски инструмент, којшто вршеше мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглеродмоноксид, сулфурдиоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри. Тогаш, јас, како градоначалник на Градот Скопје, прв ја отворив Пандорината кутија и јавно проговорив за тоа каков воздух дишат граѓаните на Скопје. Уште тогаш, пред граѓаните јасно ставив до знаење дека Градот Скопје и јас како градоначалник нема да бегаме од одговорноста и ќе се соочиме со сите предизвици. Така е до ден денешен. Обврската за преземање мерки за заштита на воздухот од загадување не е само на Град Скопје, туку на сите 17 општини од Скопје и од скопскиот регион. Не може само од Градот Скопје да се чека да ја заврши работата“, рече Трајановски пред присутните.
Трајановски додаде дека целта на Градот Скопје е да се добијат одговори на прашањата кој загадува во Скопје и од каде потекнува најголемото загадување – дали од индустриските капацитети, дали од сообраќајот, дали од затоплувањето на домовите?
„Дел од тие одговори Ви ги нудиме во трите документи што денеска ги презентираме. Воздухот не познава граници. Токму затоа ги повикувам моите колеги градоначалници и сите надлежни служби да се ангажираат и да се вклучат во заштитата на амбиентниот воздух од загадување и да ги спроведат потребните мерки, зашто сите општини во Република Македонија имаме исти надлежности во оваа сфера“, нагласи Трајановски.
Исто така, денеска беше презентиран и Интегрираниот катастар на загадувачите на животната средина, документ кој, како велат градските власти, е неопходен на Градот Скопје зашто дава целосна слика за состојбите во животната средина, како и сознанија за загадувачите кои не се во негова надлежност, а за кои нема подетални информации.
Според градските власти, овие податоци отвораат можност навреме да се преземат мерки до надлежните органи и институции на централно и локално ниво за да се спречат или надминат евентуалните нарушувања на животната средина во градот. Градот Скопје го финансираше овој проект од сопствени средства. Изготвувач на документот е компанијата Технолаб.
Трајановски рече дека освен подготовките на вакви планови, Град Скопје во изминативе осум години преземал мерки за загадувањето – градските улици се прескаат со калциум магнезиум ацетат, набавени се повеќе од 33 автобуси со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори, воведен е Автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС), се градат и реконструираат велосипедски патеки од проектот „Скопје Велоград 2017“, се надградува проектот за изнајмување велосипеди, поставени се два полначи за електрични возила во катните гаражи „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“…
Меѓу другото, Трајановски спомена дека на јавните површини се засадени повеќе од милион листопадни и зимзелени садници, изработиле Инвентар на стакленички гасови за просторот на Скопскиот плански регион, а се вршат и редовни контроли на инсталациите од градските инспекциски органи.
Спомена и дека на скопјани се доделени 196 субвенции за купување на печки на пелети. Оваа активност, која ќе продолжи и идната година, беше изгласена и од опозициските советници, но наиде на различни реакции и критики од опозицијата и голем дел од јавноста. Многумина сметаат дека ваква активност против загадувањето воопшто не е доволна, туку се работи единствено за симболична мерка, бидејќи во Скопје околу 100.000 граѓани не се приклучени на системот за централно греење, а делумните субвенции важат само за 200. Ваквата мерка се покажува дотолку минорна и сега, кога Град Скопје презентираше дека токму од загревањето на домаќинствата доаѓа најголемото загадување.
Б.Ш.