Град Скопје: Наскоро ќе почнеме со имплементација на проектот – брз автобуски превоз

Град Скопје со соопштение информира дека наскоро ќе почне со имплементација на капиталниот проект  за брз автобуски превоз (Bus Rapid Transport – БРТ) во Скопје или популарно нареченото „автобуско метро“ или „трамвај на тркала“.

„Откако Собранието го усвои законот за задолжување, конечно се отвори патот Скопје да добие современ и добро организиран јавен превоз и да се придружи на друштвото од успешни градови со БРТ коридори. Во наредниот период треба да се потпише договорот помеѓу Владата и ЕБРД, со што и формално ќе се создадат можностите да започнат постапките за набавка и имплементација на брзиот автобуски превоз. Екипи на Градот и ЈСП ‘Скопје‘ и досега работеа на подготовка на техничката документација, а со потпишувањето на договорот се создаваат и формални можности да дојдат консултантите на ЕБРД кои треба да ја доработат техничката документација, со што би се распишале и постапките за набавка, кои ќе ги води банката. Заемот од ЕБРД ќе биде 70 милиони евра со рок на отплата од 15 години“, соопштуваат од Градот.

Од таму потенцираат дека проектот опфаќа две линии со коридори резервирани за брз автобуски превоз – Линија 1 (исток – запад, од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче) од 12.81 km и 21 автобуска станица, а планирана е и Линија 2 (север – југ од железничката станица на бул. БИХ до бул. Борис Трајковски) во должина од 10.4 km со 20 автобуски станици.

Двете линии се преклопуваат во Центар.

„БРТ овозможува намалување на времетраењето на превозот на патниците и намалување на загадувањето на воздухот“, соопштуваат од Градот.

Со имплементацијата на првата фаза, велат тие, времето на патување од сегашните 70 минути ќе се намали за повеќе од 50 отсто, односно времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.

„Посебната траса за брзи автобуси која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај двојно го намалува времето на патување, а фреквентноста на автобусите од 3-4 минути за време на шпицот оневозможува градски гужви. Сообраќајната предност на автобусите им овозможува движење без застој низ средишниот дел градските улици и булевари. Честотата, пристапноста, безбедноста, удобноста и брзината се показатели за квалитетни транспортни услуги кои ги охрабруваат граѓаните да го користат системот за јавен превоз наместо приватните возила. Исто така, имплементацијата на брзиот автобуски превоз значително ќе го подобри севкупниот јавен превоз во Скопје бидејќи ќе овозможи поголема покриеност низ градот преку пренасочување на сегашните автобуси на други автобуски линии. Зголемен број корисници на јавен превоз значи намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните бидејќи брзиот автобуски превоз со ефикасни горива доведува до намалување на емисиите на стакленички гасови, емисиите на честички и нивото на бучава“, соопштува Град Скопје.

Според Градот, значајно е да се нагласи дека во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови, што претаставува верификација на еколошките политики кои што ги креира Градот и што после 40 години конечно ќе почне да се имплементира овој стратешки проект за градот.