Град Скопје ја игнорира препораката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) да овозможи бесплатен јавен превоз на студентка на приватен факултет од Скопје и за тоа писмено да ја извести Комисијата.
КСЗД на 15 мај утврди продолжена директна дискриминација врз студентката Мила Петрушевска и препорача Град Скопје да ѝ го обезбеди правото на бесплатен јавен превоз во рок од 30 дена од добивање на ова мислење.
„Првиот рок од 30 дена што беше ставен од Комисијата за мене како подносител на претставката до КСЗД не е исполнет. Јас откако го добив мислењето поднесов и барање за картичка до Јавното сообраќајно претпријатие. Оттаму ми кажаа дека ЈСП нема законска можност да одлучува за бесплатен јавен превоз. Потоа барањето го доставив и до Град Скопје. Досега добив само потврда дека барањето е примено, а се’ уште нема одговор“, вели Петрушевска.
Радио МОФ се обрати до Град Скопје дали и како ќе постапат за решавање на оваа ситуација, но оттаму веќе една недела не одговараат на нашите прашања.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди и индиректна продолжена дискриминација врз студентите од приватните факултети во областа пристап до добра и услуги во образовниот процес. Во мислењето е наведена уште една препорака до градоначалничката Данела Арсовска со цел да се прекине овој вид дискриминација.
„Се препорачува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска да иницира измени и дополнувањата на Одлуката за давање субвенции на ЈСП Скопје со кои ќе се утврди правото на бесплатен јавен превоз и на студентите запишани на приватните универзитети и соодветно на тоа ќе се обезбедат средства за бесплатен јавен превоз на сите редовни студенти на додипломски студии од државните и приватните универзитети за 2023 година, со цел отстранување на повредата на правото на еднаквост , во рок од 60 дена од добивањето на ова Мислење и за тоа писмено да ја извести Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, гласи препораката.
Доколку не се испочитува овој рок, КСЗД се повикува на Законот за спречување и заштита од дискриминација според кој има надлежност да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.
И Петрушевска апелира за што побрзо да се преземе иницијатива.
„Ги повикувам јавно и апелирам до советниците на Град Скопје да ја покажат својата транспарентност, отченост и професионализам на дело“, вели таа.
Радио МОФ во изминатиов период во неколку наврати пишуваше за барањето на студентите од приватните факултети да го остварат правото на бесплатен градски превоз. Пред крајот на минатата буџетска година од Град Скопје ни кажаа дека Градот зависи од Министерството за образование и наука, односно дека МОН треба да ги пренамени дотациите пред да ги префрли на сметка на градскиот буџет. Од МОН досега ниту еднаш не одговорија на нашите прашања, додека од Владата ни рекоа ако некогаш донесат одлука за доделување средства на ЈСП „јавноста ќе биде навремено информирана“.
Ангела Бошкоска