За делот Градска Четврт 3 11 во Општина Центар, на местото на Универзална сала, Градот Скопје објави конкурс за избор на идејно архитектонско и хортикултурно решение за отворена летна сцена со парк „Универзална“.
Основен предмет на јавната набавка се услуги за архитектонско проектирање. Плановите најдоцна треба да се пратат до Градот до 28 август, а за првите три идејни решенија има награди од 180.000, 120.000 и 60.000 денари.
За нив ќе решава шестчлена комисија составена од Маја Дончева, Бесник Осеку, Снежана Матовска, Александар Јанакиески, Аљоша Шопар и Никола Наумовски.
Конкурсот предизвика различни реакции и дискусии во јавноста и социјалните мрежи околу тоа дали дали се санира и сочува Универзална сала како симбол на постземјотресно Скопје, или да се урива и гради на друга локација, а на местото да се прави парк како што предложи Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ).
Имено, претседателот на ААМ, Мартин Пановски во изјава за sdk.mk претходниот месец кажа дека она што се бара во програмата на новата Универзална сала е преобено за оваа локација. Односно, густо изграден дел од градот, со „Партизанска“ од една страна каде не може да се изведе влез во подземен паркинг, а од друга страна е улицата „29 ноември“, која, нагласи тој, е тесна и со две сообраќајни ленти нема да може да ги задоволи потребите за пристап кон овој тип на објект.
Според првиот човек на ААМ, при секој концерт или настан ќе се создава хаос, но ќе биде попречено и движењето на пешаците и локалните жители.
ААМ за изградба на нова Универзална сала го предложи делот кај СЦ „Борис Трајковски“, просторот зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ и салонот на „Хонда“ во Карпош 3.
Од Здружението „City Skope“ сега реагираа дека Универзална сала е дел од симболите на Скопје, како град на солидарноста. Финансиски поддржана од 25 држави, сметаат дека Универзална сала е историјата и идентитетот на градот.
Според Здружението, на Скопје му треба поголема и посовремена концертна сала, но не и уништување на симболот на градот. За сала со поголем капацитет, велат тие, потребна е друга поголема и попристапна локација.
„ДА, на градот му требаат и нови паркови и зеленило, но не на местото на овој објект. Универзална сала не треба да биде компензација за зеленилото на фабриката Треска со спорниот ДУП. ДА, на градот му треба сеопфатно урбано планирање и градски архитект, а не расцепкани, избрзани и неквалитетни решенија кои го дополнуваат хаосот и самоволието во сите општини. Конкурс не секогаш е решение и е далеку од сеопфатно решение на ниво на град. А и досега се покажал како чисто популистичка и манипулативна процедура за злоупотреба на јавното добро. На градот потребни му се други рушења на објекти кои узурпираат јавен простор, попречуваат проток на движење или се дивоградби, секако тука не смее да спаѓаат симболи на градот Скопје. Да не ни се повтори создавање на наметнати и непрепознатливи симболи, туку да ги заштитиме и одржуваме оние кои веќе ги имаме. Градителското, културното и природното наследство мора сами да го вреднуваме преку негова заштита и валоризација“, реагираат од „City Skope“.
Апелираат и до сите чинители на јавниот простор и до сите поддржувачи да се приклучат во намерата за зачувување на Универзална сала или најмалку да се приклучат кон бојкотирање на овој конкурс.
Инаку, Универзална сала е затворена од 2015 година, во времето откако тогашната опозиција ја користеше и објави „бомби“ поврзани за изборни нерегуларности. Потоа Универзална сала имаше неколку обиди да добие нов изглед и да се реновира, преку нови проекти, меѓу кои еден од оние во форма на јајце, но тие замисли и решениеја не се остварија. Меѓувремено Универзална доби и ново име – Конгресен центар „Александар Македонски“, па потоа пак во 2018 си го врати старото име. Досега остана нефункционална.
Универзална сала беше спомената и ланскиот декември од градоначалникот Шилегов, кога се дискутираше дека основниот Буџет на Град Скопје за 2020 е 75 милиони евра, а вкупно со дотации, донации и кредити ќе изнесува околу 120 милиони евра. Шилегов нагласи дека Буџетот има развојна компонента, а меѓу капиталните проекти за годинава најави изградба на нова Универзална сала, но и нов забавен парк, зелени површини, воведување на „Старт сити“, одржување на кејот на Вардар, како и реконструкција и изградба на нови булевари.
Б.Ш.