Град Скопје прави вело-патеки и реквизити на Водно, планираното пошумување во застој

Шумски фонд на Водно е исечен, скопската планина раскопана, но уште не е ни почнато пошумувањето како компензација за штетите од гасоводот, откако Владата уште во 2018 година преку Национални енергетски регурси (НЕР) префрли 700.000 евра на сметка на Град Скопје. Гасоводот требаше да заврши до крајот на 2019, додека пошумувањето две години е во застој. Истовремено, градските власти градат и планираат нови т.н. парковско-инфраструктурни содржини на Водно. 

Најавата за нови содржини на Водно „падна“ на двегодишниот отчет на градоначалникот Петре Шилегов. Тој и покрај негодување на активистите, најави туристичко-рекреативен центар, за кој нагласи дека би се искористиле 290.000 од доделените 700.000 евра.

Проектот за „натурализација“, како што го нарече градоначалникот, ќе чини 450.000 евра, обезбедени од повеќе извори. Сепак,  Градот до Радио МОФ, иако побаравме, не достави информација колку и за што е потрошено од парите за пошумување, особено што во меѓувреме течат разни активности и веќе е подигната велосипедска патека на Водно.

Иста фирма за Студија, вело-патека и донација на документација за реквизити

Ако се погледнат договорите на Град Скопје, ќе се види дека фирмата ЈУМАК-Киро ДООЕЛ увоз-извоз Скопје лани од Градот Скопје доби тендер од околу 20.000 евра (1.230.000 денари) за изработка на Студија на туристичко-рекреативен центар Водно, со проекција за планински велосипедизам, адреналински парк, област за авантуристички врв, адаптација на патеки, Даунхил забавен парк, параглајдинг…

Се работи за документот „Идејно решение за планината Водно“. Во делот „Обем на инвестицијата и фази“, се проценети 1.915.000 евра за разни содржини. Според проекциите, активности би се одвивале во три фази, од 2020-2023 година. Но, градот досега не одговори што од ова би влегло преку Програмата за пошумување и уредување на Парк-шумата.

Извор: Документ „Идејно решение за планината Водно“

Истата ЈУМАК-Киро ДООЕЛ, се јавува како носител на јавната набавка за дизајн и изведба на велосипедска патека во истиот туристичко-рекреативен центар (ТРЦ) Водно. Договорот меѓу Градот со ЈУМАК од Скопје и ЗАВОД АЛИЈАНСА Љубљана, застапуван со управителот Горјан Николовски, е склучен на 29 мај со вредност од 114.831 евра (7.080.000 денари).

Извор: Јавни набавки

На почеток на октомври беше пуштена новата т.н. „пионерска вело-патека“, од полициската станица до Средно Водно. Но, повторно до објавување на текстов изостана одговор од Град Скопје дали таа е правена од средствата на Владата, бидејќи во јавноста не беше соопштена сумата, ниту беше спомената ЈУМАК-Киро ДООЕЛ, туку дека се реализира во соработка и е кофинансирана од Советот за регионална соработка, и е една од трите планирани во склоп на т.н. проект „Велосипедски парк Водно“.

ЈУМАК-Киро ДООЕЛ сега се јавува и како донатор на „Техничка документација за детално планирање и спецификација за поставување на реквизити за развој на детска моторика на планината Водно“.

Ваквата донација од 5.328 евра (328.158 денари) ја изгласа Советот на Град Скопје на 27 октомври, а ЈУМАК-Киро ДООЕЛ претходно на 7 октомври до Секторот за локален економски развој поднела барање до  донацијата.

Принтскрин од Образложение на Град Скопје за предлог-Одлуката за донацијата; извор: материјали за 57 седница

За ваквата одлука на Советот се обративме до Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје. Таа тврди дека нецели две седмици подоцна, по барањето на 7 октомври, иако фирмата не ја доставила предметната документација, советниците добиле предлог-одлука за прифаќање на донацијата со материјалите за седницата на 27 октомври.

„Не ни е првпат да имаме предлог-одлука на Совет со која се бара од нас да гласаме на слепо. За мене е тоа целосно неприфатлива и недемократска практика која не би ја применила ниедна одговорна власт. Сомнително е како едно обично барање кое не е проследено со суштинскиот текст кој никој од нас не може да знае дали ќе биде од јавен или од приватен интерес за толку кусо време успева да ги помине сите филтри на Градот. Дали Градот праќа порака дека е доволно да се залепи етикета ‘за деца’ за да се добие бланко дозвола за ‘идеи и решенија’ за урбанизација на Водно? Сомнежот дотолку се продлабочува со фактот дека истата фирма добива јавни пари за изработка на Студија за ТРЦ Водно и згора на тоа, за реализација на проекти од самата студија“, вели Велковска.

Околу средствата за пошумување, активистката Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“ вели дека им се губи трагата. Смета дека нема никаков отчет, ниту пак реална нивна употреба да се промени ситуацијата на Водно.

„Со новите ангажмани на Градоначалникот и Советот на Градот, тие средства, би рекла дури безобразно, се пренаменуваат за некои дополнителни инфраструктурни зафати кои немаат врска со заштита на шумата. Најинтересен момент е што усвоената Програма за пошумување предвидува локација ‘под Маркова Крушка’, локација која е дадена на концесија на физичко лице за поставување пчелни семејства од ЈП Пасишта. Толку од усогласеноста во ингеренциите околу Водно и неговата реална заштита и обнова на теренот. Самата таа концесија е посебна приказна, една од многуте на падините на Водно кои се случуваат во овој вакуум период на кобожемно решавање на неговиот статус и заштита“, забележува активистката.

Што е со Програмата за пошумување и уредување?  

Првичниот договорот за пошумувањето на Водно меѓу НЕР и Град Скопје, како компензација на уништувањето на Парк-шумата од гасоводот, беше склучен на 22.08.2018, откако Шумарски факултет направи проценки на штетите, а „Го сакам Водно“ и јавноста реагираше за трасата низ скопската планина.

Владата, по своја седница на 3 декември 2019 и допис до Град Скопје на 10 декември 2019, дава зелено светло првичниот договор да се измени:

Оваа Програма на „Паркови и зеленило“ пред неколку седници ја гласаа советниците на Град Скопје. Во неа се вметнати приоритетни локалитети за пошумување, а има парковско-инфраструктурни содржини: систем на набљудувачници како заштита од пожари, но и патеки за планински велосипедизам „Флоу“ патека Средно Водно – Скопје и Ендуро патека Крстовар – Средно Водно. Нема наведено суми за зафатите.

Бојан Симовски, универзитетски професор за урбана дендрологија вели дека при соработката на Шумарски факултет со Градот Скопје, бил ангажиран да изготви мислење за озеленување на падините на Водно, од кое произлегол Елаборатот за приоритетно пошумување во парк-шумата „Водно“.

Симовски за Радио МОФ посочува дека Водно е место што генерации пред нас го започнале, генерации по нив го унапредувале, и претставува непроценливо богатство за градот и граѓаните, кое мора да го чуваме и подобруваме.

Заедно со Иван Блинков од Катедрата за земјиште и вода, во координација со ЈП „Паркови и зеленило“, направиле соодветен избор на растителни видови за четири површини, чиешто пошумување, односно озеленување, вели тој, ќе овозможи во најголема мера ублажување и заштита од површинската и линиската ерозија.

„Притоа, запазени се и останатите аспекти на еден зелен простор, особено пејзажната вредност, којашто во овој есенски аспект е јасно видлива на постојните пошумени падини на Водно и допадливо забележлива од Скопската котлина“, наведува Симовски.

Долг рид, актуелна состојба; фото: Бојан Симовски

Иако непосредно не бил вклучен од почетокот на целиот процес, со одговорните лица од Градот се разговарало за можноста за избор на локалитети и видови за многу повеќе површини за пошумување, меѓутоа за дел од нив се утврдило дека не се во државна сопственост, а за дел дека било потребни сериозно поголеми капацитети од оние што се на располагање.

„Дополнително, во меѓувреме се во тек и некои други активности кои може да ги засегнат постојните граници на парк-шумата ‘Водно’, но притоа не смее да се заборави дека пошумувањето на северните падини на Водно (кои биле голина како актуелните јужни падини) првенствено е изведено поради противерозивна заштита на населбите и заштита на населението на Скопје! И покрај заедничката желба за целосна реализација, а пристапувајќи етапно и во рамки на расположливото време и моменталните можности, ги утврдивме како најсоодветни локациите Долг Рид (со две микролокации), под Маркова Крушка и месноста Овоштарник кај Теферич“, објаснува тој.

Под Маркова крушка (депонија) актуелна состојба; фото: Бојан Симовски

Тој во дописот до Радио МОФ, меѓу другото, наведува дека локалитетите за приоритено пошумување се направени врз основа на итната потреба од реакција за зачувување и унапредување на животната средина, особено шумите. Видовите се избрани според еколошки, морфолошки карактеристики, достапност на пазарот за семе и саден материјал, како и економска оправданост.

„Дел од предвидените видови за првпат ќе се употребат за пошумување во нашата земја, што претставува своевиден пионерски потфат со значаен научен придонес во македонското шумарство“, вели тој.

Лево: Теферич – Овоштарник актуелна сосојтојба (кози), десно: Теферич – Овоштарник актуелна состојба (инвазија); фото: Бојан Симовски

Се очекуваше дека кон крајот на 2019 ќе се осмисли проектот и започне со негова реализација, но, вели тој, од различни причини тоа не се случи.

„Од оваа временска дистанца, можеби и подобро што не се започнало, бидејќи минатогодишните ноември и декември беа невообичаено сушни за тој период од годината, со што успешноста, покрај влијанието на другите еколошки фактори, би била веројатно многу пониска од планираната“, вели Симовски, додавајќи дека напролет после започна пандемијата и целото човештвто е под здравствена закана.

„И, конечно, на претходната седница на Советот на Град Скопје се најде и оваа точка на дневниот ред. Како стручно лице, но и како роден и израснат граѓанин на Скопје, искрено се надевам дека ќе се реализира осмисленото. Затоа што Водно е првото нешто кое сум го гледал, го гледам и сакам да го гледам кога ќе се разбудам секое утро – цветно напролет, разнолико зелено лете, шаренолико наесен и побелено зиме!“, потенцира Симовски.

Реџепи: Гасоводот не е закочен

Иако активистите уште од јуни и јули реагираа дека Водно е раскопано и исечено и гасоводот е стопиран, а директорот на НЕР Барјам Реџепи наведуваше низа проблеми за ваквото пролонгирање, сега тој тврди дека „гасоводот не е закочен“.

Реџепи меѓувреме отиде да биде пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, а сега се врати во НЕР. Смета дека работите си течат на терен, се работи на повеќе места, но со помала динамика.

„Не е како што беше порано. Тоа е заради имотно-правно (прашање), бидејќи од март месец, имотно-правно ги откажав сите расправии за експропријација. Тука е најголемиот проблем. Реално, повеќе од проценките се со едногодишна вредност. Поминува нивното важање, па ги почнуваме од почеток. Инаку, се’ друго тече нормално. Малку имавме проблем и за измените во тек на градба, бидејќи не беа усвоени ниту инфраструктурните проекти. Сега веќе неколку се усвоени во Министерство за транспорт и врски, па започнуваме со експропријација на тие места“, потенцира Реџепи за Радио МОФ.

Раскопано Водно од гасоводот

Измените на гасоводната траса одат преку Одлуки на Влада, вели тој.

Имале повеќе измени на трасата Скопје – Тетово – Гостивар – кај Сопиште мештаните не ги пуштиле гасоводот да помине низ гробиштата. Локалците подигнале петиција, па со одлука на Влада одлучиле да ги заобиколат гробиштата.

„На Водно, измените беа поради невладините организации, во Семениште заради некои подземни бунари што ги користи селото. Потоа, имавме проблеми со јаловината кај Фени на трасата 2 („Делница Неготино (Кавадарци) – Битола), исто и во Гостивар, бидејќи на трасата имаше дивоградби… Имаше повеќе такви кои ја одолговлекоа работата, но, секако, сите се решени. Очекувам да градиме со побрза динамика“, тврди тој.

Законот за Водно не е тој Закон што го бара „Го сакам Водно“

За Стојановска од „Го сакам Водно“, страшно разочарување претставува целокупното изигрување на јавноста кое се случило во екот на раскопувањето на шумите низ Водно.

Владата, заедно со Градот Скопје, вели таа, настапи со големи уверувања дека Водно ќе биде заштитено, дури одржа и седница на која се усвоија одлуки за негова заштита, со изработка на Закон за Водно, со доделени финансиски средства со кои ќе се пошумат уништени делови од планината и со уверувања дека раскопаниот дел ќе биде вратен во првобитна состојба.

„Сега, после 2 години, можеме да констатираме дека се изигра довербата на граѓаните, се’ од ветеното заврши само како слово на хартија. Пред се’, Законот за Водно, за кој Градоначалникот самиот се изрази дека ќе биде Специјален Закон за Водно, не се донесе. Се разводни целата постапка со целосно базирање на Студијата за валоризација на Водно, на Законот за заштита на природата, кој не може да обезбеди реална заштита на Водно бидејќи Водно е пред се’ вештачки пошумувано. Неговото значење е токму во тоа, напорите на претходните генерации да се создаде зелен простор кој ќе го штити градот, нешто што не го опфаќа горенаведениот Закон“, забележува Стојановска.

За гасоводот, потенцира таа, кога се побуниле за неговото минување низ Водно, биле најостро нападнати дека спречуваат брза гасификација на одредени градови. По 2 години, освен уништениот дрвен појас на Водно и свлечиштето создадено кај с.Шишево, забележува Стојавска – гасовод нема.

„Но, иако ова се поразителни факти за нас кои гласно застанавме во одбрана на нашето наследство, не можеме да си дозволиме да се откажеме од борба за нешто што е битно за сите граѓани на овој град. Начини за заштита на Водно се уште постојат, ќе се бориме секој момент, на секое поле, сега веќе и знаеме дека уверувањата и одлуките на институциите не се ништо повеќе од еден лист хартија кој се изигрува секогаш кога им е тоа потребно“, потенцира активистката од „Го сакам Водно“.

Инаку, Советот на Град Скопје, на вонредна седница под маски во април, изгласа одлука за прогласување на парк-шумата Водно за заштитен предел од V категорија. Тоа значи, пониска заштита од националните паркови (II степен), од Матка која е III категорија – Споменик на природата, и пониска од Гази Баба – IV степен Парк на природата.

Министерството за животна средина, по одлуката на Градот, врз Студијата за валоризација и Законот за природата, изработи „Информација за потребата за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од V категорија и Одлука за прифатливоста на предлогот“.

Тоа беше најавено дека ќе се достави до Владата и другите институции за разгледување, па ќе има и јавна расправа. До објавување на текстов, не стигна одговор од Владата на нашите прашања до каде е овој процес, ниту дали средствата (700.000 евра), што ги издвои во 2018, ќе настојува да се искористат за пошумување и рекултивација.

– – – – – – – – – –

Радио МОФ неодамна правеше времеплов за Водно. Како гасоводот преку разна одлуки, нелогични и контрадикторни постапки од институциите, препукувања и протести влезе во шумската зона на малата планина под која живее скоро пола Македонија.

[Времеплов] Како гасоводот влезе и го исече Водно


Бојан Шашевски