Град Скопје, по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за поведување постапка за утврдување одговорност поради неприменување на одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на Јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“, поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против поранешниот в.д. директор на МКЦ, Русе Арсов.
Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје, на денешната прес-конференција рече дека Русе Арсов во својство на в.д. директор, на 14 декември 2019 година објавил јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“. Додека критериумите за избор на најповолна понуда со определни бодови од јавната установа, рече Апостоловски, биле донесени на 18 декември, односно по објавување на јавниот повик и истите не биле составен дел на јавниот повик.
„Поради необјавувањето на овие критериуми, потенцијалните учесници на јавниот повик не биле информирани на кој начин ќе се врши доделувањето на бодовите и изборот на најповолна понуда. На објавениот јавен повик се пријавил еден единствен правен субјект и тоа Здружение Дирекција за култура и уметност од Скопје, при што на ден 19 декември 2019 година Комисијата за избор на коорганизатор кој ќе ја организира избраната предлог-програма на ‘Дочек на Новата 2020 година“ согласно со Записник од одржан состанок на комисијата, утврдено е дека апликантот Здружение Дирекција за култура и уметност од Скопје ги исполнува условите предвидени во конкурсот, при што во записникот не е извршено поединечно бодување, односно не е нотирано за кој критериум колку бодови се доделуваат, туку бодовите се доделени збирно за критериумите од двата дела и од можните 60 бодови определени за критериумот – квалитет на проектот, на учесникот му се доделени 50 бода при што не може да се утврди по колку бодови за секоја ставка од овој критериум се доделени“, рече претставникот на Град Скопје.
Според Апостолоски, во понатамошната постапка Арсов како в.д. директор на МКЦ на ден 20 декември склучил договор со Здружението Дирекција за култура и уметност Скопје. Со тоа, посочи тој, Арсов постапил спротивно на Законот за јавни набавки и овозможил настанот да се организира надвор од пропишаната законска регулатива.
„Посочуваме дека токму во врска со оваа постапка од ДКСК побарано е од Град Скопје да се изврши ревизија во однос на спроведувањето на одредбите од договорот склучен помеѓу Град Скопје и МКЦ, со оглед дека ДКСК постапувала по пријава и оформила предмет за испитување на сите наводи. По испитувањето на сите наводи и прибавени информации од ДКСК од многубројни институции, како што се Бирото за јавни набавки, Управа за јавни приходи, и сл., констатира дека поранешниот в.д. директорот на ЈУ МКЦ, Русе Арсов, не ги применил одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на Јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“, и ја злоупотребил својата службена положба, заради што и поднесовме кривична пријава за утврдување на негова кривична одговорност“, додаде Апостолоски.
Инаку, Русе Арсов преку јавно соопштение до медиумите на самиот крај на 2021 година објави дека се повлекува од функцијата в.д. директор на МКЦ. Тој објасни ваквата одлука е поради здравствени причини, притоа нагласувајќи дека од медиумите дознале дека се криминалци и има предлог да бидат годени. А потоа, наградата за нивното успешно работење изминатиот период била претставена преку намалување на буџетот за програмата за 50%.
И додека ги граделе убавите работи, пиша тој, четири години континуирано се дружеле и со Финансика полиција, и со јавно обвинителство, и со разни ревизии…
„Се вадеа документи, се уништуваа животи… а на крај едно по едно обвинувања завршуваа како неосновани. Затоа ДА, ве молам слободно затворете го веќе и овој предмет Дино Мерлин. Уверен сум дека нема никаков криминал ни таму, а од последниве години го научивме и гадното чувство на обвинување – па затоа, ајде ве молам. Денес се повлекувам само од функцијата Вршител на должност Директор. Но останувам во МКЦ, имам уште еден одличен повод за тоа – да помогнам заедно да го направиме јубилејот кој толку гордо го чекаме – 50 години МКЦ. За следниот Директор само да го охрабрам: Не грижи се, МКЦ не е загубар!“, стои меѓу другото во писмото на Арсов, потенцирајќи дека и покрај пандемијата и намалените приходи од влезници и прозводи, МКЦ успеа да даде своја поддршка на целата независна сцена и во следната 2022 година да пренесе сопствени средства од 4.000.000 денари и уште толку ненаплатени побарувања.
Русе Арсов претходно влезе во фокус на пошироката јавност во 2019 година кога Град Скопје стартуваше постапка за избор на нов директор на МКЦ, која наиде на лавина реакции. По најавите дека на чело на МКЦ може да застане Арбен Шаќири, преку социјалните мрежи се ширеше иницијативата #НеГоЧепкајтеМКЦ, а десетици културни работници, уметници, професори, активисти, новинари преку писмо до експремиерот Зоран Заев се спротиставија на најавените промени во уредувачката структура. Потоа, конкурсот за избор на директор на Младинскиот културен центар беше поништен.