Град Скопје денеска го објави Јавниот повик за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите за 2022 година.
Од Град Скопје велат дека со овој јавен повик сакаат да ги поттикнат младите активно да учествуваат во општеството низ афирмација и поддршка на младинските активности, младинската работа и неформално образование на подрачјето на Градот Скопје.
Повикот има за цел да поттикне сојузи, здруженија и други облици на здружување да учествуваат во креирање и спроведување на младинската политика во главниот град, како и зајакнување на капацитетот на здруженијата за млади на подрачјето на Скопје; да обезбеди услови за активно и квалитетно искористување на слободното време на младите; да ги поттикне младите да учество во спортско-рекреативни активности со акцент на негување здрави животни навики, да волонтираат, да организираат семинари и едукации; да ги поттикне младите да се вклучат во активности од областа на културата и уметноста, за заштита на животната средина и просторното уредување во Скопје, како и да ги поттикне во креирање идеи од областа на информатичката технологија.
Средствата за финансирање на активностите ќе се доделуваат од Буџетот на Град Скопје за 2022 година, од Програмата за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје за оваа година.
Потребните податоци, како и предлог програмите и проектите, програмските активности и манифестациите, со финансиската конструкција треба да се достават на посебна пријава што може да се подигне во архивата на Градот Скопје (барака 16) или да се преземе од официјалната веб страница на Град Скопје.
Јавниот повик се објавува на 9 април 2022 година и трае до 21 април 2022 година.
Јавниот повик, Програмата за млади, како и сите други пријави и потребни документи за јавниот повик се објавени на следниов ЛИНК.