Мексиканскиот град Чивава, кој се граничи со САД, донесе мерка со која се забранува музичарите да изведуваат песни кои промовираат насилство врз жени, јавува „Гардијан“.
Советничката Патрисија Улате, која ја предложила мерката пред општинскиот совет изјавила дека „суровата реалност“ – вклучува сериозно насилство врз жените и промовирање на мачо културата, што ги мотивирало носителите на одлуки да дејствуваат против промоција на родовото насилство.
Прекршувачите на новото правило ќе треба да платат 1.2 милиони песози, а средствата ќе бидат донирани во општинските програми за женска заштита и во засолништата од домашно насилство.
„Чивава е една од петте општини во земјата со родов аларм поради високите стапки на структурирано насилство врз жени“, додала таа.
Градоначалникот на Чивава, Марко Бониља, изјавил дека казните ќе бидат изречени на сите кои пеат песни кои промовираат насилство врз жени.
Според Бониља, родовото насилство е пандемија, бидејќи седум од десет повици во локалната полиција се поради семејно насилство. Оттука, јавните настапи во кои се изведуваат песни за сексуализирање на жените ќе се сметаат за насилство.
Претседателот на Мексико, Андре Мануел Лопез Обрадор ги искритикува музичките изведувачи кои ги глорифицираат насилството и користењето на дроги.
„Нема да молчиме кога музичарите велат дека екстазите се добри и дека имаaт оружје од 50 калибри“, изјавил претседатeлот.