Звук на косење трева, но не и на градежна механизација, можеше да се слушне околу купиштата градежен шут кои сè уште се наоѓаат на местото на единствената градинка во Шуто Оризари – „8ми Април“, која минатата година во пожар изгоре до темел.
Двете дечиња на Алмедина Халим, кои ја посетувале градинката, сега ги чува дома. Во адаптираните простории на средното општинско училиште, каде по пожарот привремено се згрижуваат децата, според неа нема доволно простор и работното време е пократко.
„Повеќе ми одговараше старата градинка која ми беше поблиску. Претходно децата таму беа згрижени по цел ден. Ги носев од 8 до 16 часот, додека сега градинката работи од 9 до 13 часот, а децата немаат ни каде да преспијат“, вели Халим додека нејзините дечиња довикуваа зад неа.
Во јули минатата година беше потпишан договор за обнова и проширување на градинката во рок од 18 месеци, со 700.000 долари помош од Кралството Норвешка. 10 месеци по оваа убава вест за граѓаните од Шуто Оризари, тие сведочат дека во последниот период, нема никакви градежни активности на локацијата каде што треба да се гради новата градинка.
„Се трудиме да бидеме потивки, сепак сме во амбуланта“
Покрај 150-те дечиња во градинката „8-ми Април“, таму беше сместен и Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Тој сега е преместен во просториите на соседната амбуланта. И тие се во исчекување на изградба на новиот објект во кој би можеле непречено да функционираат.
Ирена Велкоска, координаторката на Центарот, вели дека просторот каде во моментов се сместени делумно го задоволува капацитетот за нивните редовни активности во текот на школската година, бидејќи 76 деца се во образовен процес. Сепак, таа стравува што ќе се случува за време на летниот распуст, кога стотина деца секојдневно ќе доаѓаат во центарот.
„Имаме одредено притеснување, се трудиме да бидеме потивки, бидејќи сепак се наоѓаме во амбуланта, со болни пациенти на кои не сакаме да им пречиме и да им го реметиме редот и мирот. Инаку дечињата си доаѓаат во континуитет, па дури и се зголемува нивниот број. Затоа што многу често доаѓаат деца од страна, кои не сме ги евидентирале, кои бараат помош и поддршка. Особено кога станува збор за хигиенски средства, материјална помош или упатување до некоја институција“, вели Велкоска.
Таа додава дека е потребна континуирана работа во остварувањето на основната цел на Центарот – овозможување грижа, заштита, социјализација но и задоволување на основните потреби, како облека и обувки за децата. Според неа, потребно е паралелно да се работи и на подигање на родителските капацитети преку системска работа заедно со центрите за социјална заштита.
„Станува збор за долгорочна програма која се стреми да биде дел од системот и да се развива понатаму. Во Скопје, каде децата на улица најмногу се забележуваат, сигурно е потребно уште еден ваков центар, а да не зборуваме за градинки. Од теренските активности, потребни се уште најмалку две градинки за да го задоволат капацитетот, особено на ранливите категории. Бидејќи убаво е детето од претшколска возраст да биде вклучено во некаков систем на социјализација, стекнување работни навики и подготовка за отпочнување на образовниот процес“, објаснува Велкоска.
Граѓаните во сомнеж, надлежните велат дека се избира компанија која ќе гради
Жителите на Шуто Оризари велат дека е сомнително тоа што повеќе од една година од пожарот во градинката, оваа атрактивна локација сè уште е руина. Дел од нив сметаат дека земјиштето е продадено, или ветено за друга намена. „Трговски центар“. „Супер-маркет“. „Приватна зграда“. Ова се само дел од гласините кои кружат меѓу локалните жители за тоа што може да изникне на тоа место.
Од Канцеларијата на УНДП за Македонија, кои го имплементираат проектот, посочуваат дека овие шпекулации не се точни, додавајќи дека проектните активности се реализираат со незначително доцнење поради комплексноста на целиот процес.
Од таму информираат дека се изработени сите потребни процедури за отстранување на опожарената градинка, спроведена била работилница за давање насоки за содржините на новиот објект, изработен бил идеен и основен проект со современи решенија и примена на најновите стандарди, била извршена ревизија на техничката документација, обезбедена била согласност од соодветните институции и биле изработени сите потребни елаборати.
„Во април е распишан и завршен тендер за избор на изведувач на градежните работи. Поради големиот интерес на заинтересираните понудувачи, со свои понуди се пријавија 9 компании, и поради комплексноста на процедурата на УНДП за избор на најповолен понудувач, се предвидува тендерската постапка да заврши кон крајот на месец мај 2018 и да се потпише договор со најповолниот понудувач. Локацијата на старо/новата градинка со ништо не е загрозена“, не информираше Драган Ристовски од УНДП, кој е раководител на проектот.
Од Општина Шуто Оризари апелираат да престанат да се шират сомнежи во јавноста, потенцирајќи дека новата градинка ќе се гради на истата локација.
„Се оградуваме од сите обиди на индивидуалци за внесување на сомнеж во постапката за градба и укажуваме на сериозниот пристап кој го има општината кон овој проект, но воедно и на сериозноста на наводите за продажба на земјиштето. Земјиштето ниту било ниту ќе биде ниту законски може да е предмет на откуп од било кој. Ваквиот тип на изјави само ја покажува неукоста на одредени индивидуалци чија цел е оцрнување на секој можен начин на работата на општината“, вели Фатима Османовска, Претседател на Советот на Општина Шуто Оризари.
Таа додава и дека анализите укажале дека наместо првичните 1.200, потребни ќе бидат 2.000 квадратни метри за згрижување на сите деца од листите за чекање, како и за потребите на Дневниот центар за деца од улица, за што се потребни дополнителни средства.
„За обезбедување на тие средства на почетокот на оваа година општина Шуто Оризари заедно со УНДП реализираа донаторска конференција со меѓународните чинители во државата. Се очекува до крајот на реализација на првата фаза (1.200 м2) да се изнајдат и останатите средства за реализација на целиот проект“, објаснува Османовска.
Според договорот потпишан минатата година предвидено беше зголемување на капацитетот на градинката за уште 50 деца, како и отворање на јасли групи, кои досега не постоеја во општината.
Даниел Евросимоски